Islam Uddin
14 Април 2020•Ажурирај: 15 Април 2020
АНКАРА (АА) - Кина го одобри тестирањето на две вакцини за борба против пандемијата на коронавирусот Ковид-19 врз луѓе, објавија денес државните медиуми, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Според новинската агенција „Синхуа“, двете вакцини се развиени од Институтот за биолошки производи во Вухан под раководство на Националната фармацевтска група на Кина (Sinopharm) и компанијата за истражување и развој „Синовак“ (Sinovac) со седиште во Пекинг.
„Ова се првите вакцини во светот спремни за клинички испитувања“, тврди дневниот весник „Глобал тајмс“ (Global Times), цитирајќи ја Комисијата за супервизија и администрација при Државниот совет.
„Синофарм има произведено над 50.000 дози за почетните клинички испитувања. Откако производството ќе се нормализира, може да достигне и 3 милиони дози по серија со годишно производство на 100 милиони дози“, додаде државниот весник „Глобал тајмс“.
Според Националната комисија за здравство, во изминатите 24 часа потвдени се 89 нови случаи на Ковид-19 во континентална Кина, од кои 86 се патници кои допатувале од странство.
Бројот на увезените случаи во континентална Кина се искачи на 1.464, без смртни случаи, со 559 излечени пациенти.
Еден ден претходно, земјата соопшти за 108 заразени лица од кои 98 допатувале од странство, што е најголемата дневна бројка од 6 март.
Во градот Вухан, каде што за првпат се појави Ковид-19, нема нови потврдени случаи, ниту смртни случаи.
Според извештајот на Националната комисија за здравство, вкупниот број на случаи со Ковид-19 во Кина е 82.249 случаи - 3.341 пациент починаа, додека 77.738 се излекувани.