Gökhan Kurtaran
24 Јуни 2020•Ажурирај: 25 Јуни 2020
ЛОНДОН
Компанијата за аеродромски услуги „Свиспорт“ (Swissport) соопшти дека планира да отпушти 4.500 луѓе, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во имејлот упатен до вработените во „Свиспорт“, чие седиште се наоѓа во Швајцарија, се вели дека веќе се започнати преговорите за отпуштање на 4.500 луѓе коишто работат во компанијата во Велика Британија.
Џејсон Холт, директор на „Свиспорт“ во Велика Британија, изјави дека компанијата морала да донесе одлука за отпуштање на вработени, со цел да може да продолжи со работата.
„Точно е дека и претходно сме минувале низ тешки времиња - вулкански ерупции, 11 септември, финансиска криза. Сето тоа го преживеавме. Но овојпат е поинаку. Никогаш во животот не сме виделе нешто налик на Ковид-19“, рече Холт.
Компанијата „Свиспорт“ моментално вработува 8.500 лица во Велика Британија, а дава услуги на неколку аеродроми, вклучувајќи ги лондонските аеродроми „Хитроу“ и „Гетвик“.
Пандемијата на коронавирусот во Велика Британија, како и во другите земји, предизвика речиси потполен прекин на воздушните патувања, а авиокомпаниите претрпеа големи финансиски загуби.
Компанијата „Бритиш ервејс“ (British Airways) исто така објави дека ќе отпушти 12.000 вработени, „Рајанер“ (Ryanair) 3.000 и „Изиџет“ 4.500. Познатиот произведувач на луксузни автомобили и мотори за авиони „Ролс-Ројс“ (Rolls-Royce) претходно соопшти дека е принуден да отпушти 9.000 вработени.