Ekip
12 Декември 2020•Ажурирај: 13 Декември 2020
МЕКСИКО СИТИ
Комисијата за медицинска безбедност на мексиканската Влада во петокот одобри итна употреба на вакцината „Фајзер-Бајонтек“ против коронавирусот (Ковид-19), со што Мексико стана четврта земја што го направила тоа, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Помошникот на министерот за здравство, Хуго Лопез-Гател, рече дека одобрувањето на Мексико следувало по Британија, Канада и Бахреин. САД објавија дека ја одобриле вакцината набрзо по Мексико.
Мексико би требало да добие 250.000 дози вакцина, што е доволно за 125.000 луѓе, бидејќи за секое лице треба две инјекции. Лопез-Гатели рече дека првите вакцини ќе ги добијат здравствените работници.
Се очекува дека вакцинацијата ќе започне веќе следната седмица. Лопез-Гатели рече дека одобрувањето е „секако причина за надеж“, иако почетниот контигент не е доволен ниту за мексиканските 1,6 милиони здравствени работници.
Лопез-Гатели се осврна и на алергиските реакции на вакцината во Британија, наведувајќи дека „огромно мнозинство луѓе во Мексико и во светот ќе може да ја примат оваа вакцина“.
Мексико во петокот забележа рекорден пораст од 12.253 случаи на коронавирусот, вкупно 1.229.379 инфекции во текот на пандемијата.
Функционерите, исто така, пријавија уште 693 смртни случаи во врска со Ковид-19, со што вкупната бројка во земјата изнесуваше 113.019. Меѓутоа, дури и според официјалните проценки, реалната бројка на починати изнесува близу 150.000 поради исклучително ниското ниво на тестирања во Мексико.