Riyaz Khaliq Khaliq
03 Јануари 2023•Ажурирај: 04 Јануари 2023
ИСТАНБУЛ (АА) - Кина денес ги критикуваше мерките за Ковид-19 воведени од разни земји за патниците од Кина, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Ние цврсто се спротивставуваме на практиката за манипулирање со мерките за спречување и контрола на епидемијата со цел постигнување политички цели, и ќе преземеме соодветни мерки според принципот на реципроцитет“, порача портпаролката на кинеското Министерство за надворешни работи, Мао Нинг, на прес-конференција во Пекинг.
Мао истакна дека овие ограничувања наметнати само за патниците од Кина се „неприфатливи... бидејќи на таа мерка за контрола на епидемијата ѝ недостасува научна вредност“, објави кинеската државна телевизија CGTN.
Лутиот одговор на Пекинг доаѓа откако Јапонија, САД, Италија, Малезија, Шпанија, Мароко, Катар, Канада, Јужна Кореја и Тајван соопштија дека бараат негативни тестови за Ковид-19 од патниците кои доаѓаат од Кина.
Потегот е контра одлуката на Пекинг да го укине задолжителниот карантин за сите посетители почнувајќи од 8 јануари.
Пекинг порача дека барањата за Ковид-19 што ги наметнуваат другите земји за патниците од Кина треба да се засноваат на науката.
Кина се соочува со експлозивен скок на бројот на заразени откако минатиот месец ја отфрли својата строга политика „нулта Ковид“ по немирите и големите протести во одредени делови на земјата.