Ekipa
26 Мај 2020•Ажурирај: 26 Мај 2020
ЖЕНЕВА (АА) - Светската здравствена организација (СЗО) соопшти дека поради безбедносни причини привремено го запира клиничкото испитување на лекот против маларија, хидроксихлорокин, за лекување на пациенти заразени со коронавирусот, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Ова следува по петочната објава на медицинскиот журнал „Лансет“ на студијата за хидроксихлорокин и хлорокин и ефектите врз хоспитализираните пациенти со Ковид-19.
„Извршната група прави привремена пауза на истражувањето за хидроксихлорокин додека да се разгледаат безбедносните податоци од страна на Одборот за преглед на безбедноста на податоците“, изјави генералниот директор на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејесус.
Тој истакна дека пред повеќе од два месеца, СЗО го започнала процесот за евалуација на безбедноста и ефикасноста на четири лекови и комбинации на лекови против Ковид-19.
СЗО соопшти дека над 400 болници во 35 земји активно примаат пациенти, а речиси 3.500 пациенти од 17 земји биле пријавени за тестирање на лекот.
Студијата објавена во списанието „Лансет“, опфаќа над 96.000 пациенти заразени со вирусот.
Откриен е поголем ризик од абнормални отчукувања на срцето или аритмии, што може да предизвикаат срцев удар кај оние што се третираат со хидроксихлорокин или хлорокин.
Студијата објавена во „Лансет“ ги разгледуваше медицинските досиеја на пациенти во 671 болница на шест континенти, со што претставува досега најопсежна објавена евалуација на влијанието на лекот врз пациентите со коронавирус.
Тедрос истакна дека истражувачите во студијата откриле повисока стапка на смртност кај пациенти што го примаат овој лек кога се користи сам или со макролид.
„Сакам да повторам дека овие лекови се прифаќаат како генерално безбедни за употреба кај пациенти со автоимуни заболувања или маларија“, рече Тедрос.