Ekipa
26 Ноември 2021•Ажурирај: 27 Ноември 2021
ЖЕНЕВА (АА) - Новото истражување на Светската здравствена организација (СЗО) проценува дека вакцинацијата против Ковид-19 во 33 земји низ Регионот на Европа спаси 470.000 животи меѓу оние на возраст од 60 и повеќе години, соопштува СЗО, јавува Агенција Анадолија (АА).
Истражувањето на Регионалната канцеларија на СЗО за Европа и Европскиот центар за превенција и контрола на болести (ECDC) беше објавено во изданието „Евронадзор“.
Оваа проценка не ги вклучува спасените животи со вакцинирање на лица под 60 години, ниту животите спасени од индиректниот ефект на вакцинацијата поради намалувањето на преносот.
„Ковид-19 предизвика катастрофален број на смртни случаи во нашиот регион, но сега можеме категорично да кажеме дека без вакцините за Ковид-19 како алатка за спречување на оваа пандемија, би умреле многу повеќе луѓе“, рече Ханс Клуге, регионален директор на СЗО за Европа.
Тој рече дека вакцините против Ковид-19 „се чудо на модерната наука“, а истражувањето покажало дека тие го прават она што е ветено, а „тоа е спасување животи“.
Регионалниот шеф на СЗО нагласи дека бројот на починати во некои земји би се удвоил без вакцините.
„Затоа е од клучна важност сите земји членки во Европскиот Регион да постигнат висока покриеност за луѓето во ризичните групи што е можно поскоро“, додаде тој.
Земјите со пониски стапки на вакцинирање треба да им дадат приоритет на оние со најголем ризик и да ги заштитат ранливите групи што е можно побрзо.
„Но, вакцините мора да бидат придружени со низа превентивни мерки за да се одржат ниските нивоа на пренос и да се одржи општеството отворено“, нагласи Клуге.
Од декември 2019 година, 53 земји од Европскиот Регион имаат регистрирано повеќе од 1,5 милиони потврдени смртни случаи од Ковид-19, со 90,2 отсто кај оние на возраст од 60 и повеќе години.
СЗО соопшти дека брзиот развој и администрација на вакцините против Ковид-19 ја обезбедиле неопходната заштита од тешката болест и од смрт на милиони најранливи категории на луѓе.