Nuri Aydın
21 Март 2020•Ажурирај: 22 Март 2020
ПЕКИНГ (AA) – Во Кина трет ден по ред не е регистриран ниту еден случај на локално заразување со коронавирусот, а 41 потврден нов случај се луѓето кои со зараза дошле од странство, јавува Агенција Анадолија (АА).
Националната здравствена агенција на Кина соопшти дека од последиците со заразувањето од коронавирусот во изминатите 24 саати во таа земја починале 7 лица, со што билансот на починати порасна на 3.255 лица.
Коронавирусот кон крајот на минатата година за првпат се појави во кинескиот град Вухан и важи за епицентар на глобалната пандемија Ковид-19 која ја прогласи Светската здравствена организација (СЗО).
Во Кина досега се заразени вкупно 81.008 луѓе, а излекувани се 71.740 заболени.
Кинеските власти тврдат дека во изминатите три дена немало лица кои се заразени во рамките на Кина, туку дека сите нови случаи се „увезени“ од странство.
Весникот „Чајна морнинг пост“ (China Morning Post) јави дека властите во Вухан почнале да ги отстрануваат контролните пунктови кои беа поставени во изминатите месеци кога од тој град стигнуваа апокалиптични глетки на ширење на вирусот.
Локалните власти со огномет го прославија тој чин за кој тврдат дека е знак на враќање на животот во нормални текови.
Истиот извор јавува дека бројни граѓани на Вухан се загрижени што кинеските власти ги прикриле реалните биланси на смртнонастраданите во тој регион.
Граѓаниот Вен Ји рече дека постои сомневање во точноста на информациите дека во изминатите три дена во Кина никој не е заразен.
„Најдобро ни е да останеме уште во домовите. Не им верувам на овие бројки кои ги објавија“, рече Вен.
Според податоците од специјализираната интернет-страница „Worldometer“, од коронавирусот досега во светот се заразени вкупно 284.697 луѓе, а од последиците на заразувањето починаа најмалку 11.842 лица.
Излекувани се 93.656 заболени лица, а моментално на лекување се 179.279 заразени, меѓу кои 8.109 се во тешка состојба.
Од епидемијата најтешко се погодени Италија, со 4.032 смртни случаи, потоа Кина, со 3.255 и Иран во кој од последиците на коронавирусот починаа 1.556 луѓе.