Dilara Hamit
16 Март 2020•Ажурирај: 17 Март 2020
АНКАРА (АА) - Управата за верски работи на Турција го суспендира заедничкото клањање намаз (молитва) во џамиите, вклучувајќи ги и џума-намазите (петочни молитви), а што претставува уште една од низата мерки во борбата против ширењето на коронавирусот, јавува Агенција Анадолија (АА).
Претседателот на Управата за верски работи на Турција, Али Ербаш, изјави дека џамиите ќе останат отворени за верниците кои сакаат да извршуваат индивидуални намази.
„Во овие околности од петок, наместо џума, доволно е да се клања пладневната молитва“, изјави Ербаш.
Тој исто така рече дека сите турски граѓани се вратиле од Саудиска Арабија, каде што на обредот умра патувале преку јавни компании, додека наскоро се очекува и враќањето на 390 турски граѓани кои на умра патувале со приватни компании.
Сите верници по доаѓањето во Турција се сместени во двонеделен карантин.
Коронавирусот првпат се појави во градот Вухан, Кина, но потоа се прошири во над 150 земји и територии.
Според Светската здравствена организација (СЗО), бројот на смртни случаи во светски рамки е речиси 6.500, а има над 164.000 потврдени случаи.