Ekip
29 Јуни 2020•Ажурирај: 30 Јуни 2020
ЖЕНЕВА
Шефот на Светската здравствена организација денес изјави дека кризата предизвикана од пандемијата Ковид-19 е далеку од завршена и дека најлошото допрва ќе дојде сега кога бројот на случаи на заразување со вирусот изнесува 10 милиони и половина милион починати лица, јавува Агенција Анадолија (АА).
Шефот на СЗО, д-р. Тедрос Аданом Гебреисус во обраќањето до новинарите преку вебинар по повод шест месеци од првите случаи на коронавирус во Кина изјави дека земјите морат да ги решат проблемите кои организацијата ги идентификувала, во спротивно ќе се соочат со уште полоши проблеми.
„Вирусот има уште многу простор да се шири. Сите ние сакаме да заврши. Сите ние сакаме да продолжиме со нашите животи. Но, тешката реалност е, ова не е ни приближно до крајот“, рече тој.
„Пред шест месеци, никој од нас не можеше ни да замисли како новиот вирус ќе донесе немири во нашите животи и нашиот свет. Пандемијата го покажа она најдобро и најлошото што човештвото го има“, изјави Тедрос.
Тој посочи дека пандемијата се забрзува, иако многу земји постигнале одреден напредок на глобално ниво.
„Во светот видовме дела на солидарност и љубезност, но исто така бевме сведоци на знаци на стигматизација, дезинформација и политизација на пандемијата“, додаде тој.
Тој уште еднаш посочи дека вакцината ќе биде основно долгорочно средство за контрола на Ковид-19, додавајќи дека земјите сега треба да се фокусираат на приоритетите за да ги спасат животите на луѓето.
„Тоа вклучува физичко растојание, хигиена на рацете, покривање на устата при кашлање, останување дома доколку се чувствувате болни, носење маски кога е потребно и споделување информации само од сигурни извори“, рече Тедрос.
Директорот на Светската здравствена организација (СЗО) за вонредни состојби Мајк Рајан исто така рече дека СЗО сака да има „меѓународен дискурс заснован на взаемно почитување“.
„Секој има своја задача. Можеме сигурно многу подобро отколку сега. Имаме многу ранливи луѓе што треба да ги заштитиме. Имаме многу заедници со лоши здравствени системи и лоши услови за живеење кои мораме да ги поддржиме. И тоа се работи на кои треба да се фокусираме", рече Рајан, очигледно осврнувајќи се на ширењето на вирусот во делови од Африка и Латинска Америка.