Cüneyt Karadağ
14 Декември 2020•Ажурирај: 15 Декември 2020
БЕРЛИН (АА) - Германскиот претседател Франк Валтер Штајнмаер предупреди дека ситуацијата во врска со пандемијата на Ковид-19 во земјата е особено сериозна, јавува Агенција Анадолија (АА).
Штајнмаер во видеопорака до нацијата истакна дека ситуацијата во Германија е на работ да излезе од контрола.
„Вирусот и понатаму е присутен. Затоа од среда ќе имаме рестриктивни мерки какви не се видени во историјата на нашата федерална земја. Ситуацијата е многу сериозна. Соочени сме со пандемија која излегува од контрола и која на неделно ниво зема илјадници животи. Затоа се потребни построги мерки“, порача Штајнмаер.
Истакнувајќи дека досегашните мерки за борба против пандемијата не покажале резултати, а што потврдуваат десетина илјади нови случаи на заразување секој ден, Штајнмаер ја повика нацијата да вложи додатни напори во спроведувањето на новите рестриктивни мерки.
„Пандемијата трае речиси една година, а сега е најважно да се зачуваат здравјето и животите на луѓето. Во текот на изминатите месеци, поминавме долг пат, да продолжиме до крај заедно и грижејќи се едни за други. Уверен сум дека пандемијата не може да ни ја одземе иднината. Ќе ја надминеме оваа криза“, порача Штајнмаер.