Admir Fazlagic
30 Октомври 2019•Ажурирај: 30 Октомври 2019
СКОПЈЕ (АА) - Светски познатиот пејач, композитор и гитарист, Брајан Адамс, на 13 ноември ќе одржи концерт во Скопје, пренесува Anadolu Agency (AA).
Концертот на канадскиот музичар Адамс го најави организаторот на овој настан, Авалон продукција, истакнувајќи дека „во Скопје доаѓа еден од најголемите мејн-стрим артисти во светот на сите времиња, човекот со безброј хитови и истовремено големи песни“.
„На 13 ноември (денот кога градот секако слави) во Скопје за првпат во живо ќе се слушнат „Summer of 69“, „Heaven“, „Please Forgive me“, „Everything I do (I do for you)“, „Have You Ever Really Loved a Woman“ и многу други“, соопшти Авалон продукција.
Оттаму информираат дека Брајан Адамс во Скопје доаѓа во рамки на големата светска турнеја „Shine a light“, наречена по истоимениот нов албум, со која настапува во најголемите концертни арени низ светот.
Концертот во Скопје Адамс ќе го одржи во „А1 Арена“.