Admir Fazlagic
05 Октомври 2019•Ажурирај: 07 Октомври 2019
СКОПЈЕ (АА) - Во Музејот на македонската борба за самостојност во Скопје вечерва е отворена фотографската изложба „Сараево, тогаш и сега“ (позната и како „15 години“) на авторот Џим Маршал, посветена на Сараево, главниот град на Босна и Херцеговина, јавува Anadolu Agency (AA).
Фотографиите овозможуваат прошетка низ Сараево во 1996 година, веднаш по опсадата на градот, а потоа и 15 години подоцна.
Директорката на Музејот на македонската борба, Даниела Николова, на свеченоста по повод отворањето на изложбата го истакна своето задоволство што Музејот на македонската борба за самостојност има чест да биде домаќин на Историскиот музеј на Босна и Херцеговина и неговата изложба „Сараево, тогаш и сега“.
Николова упати благодарност за оваа соработка на Историскиот музеј на Босна и Херцеговина, како и на сите колеги кои учествуваа во реализација на изложбата. Таа информираше дека изложбата „15 години“ е поддржана од Министерството за култура во годишната програма за 2019 година.
Елма Хашимбеговиќ, директорката на Историскиот музеј на Босна и Херцеговина, во обраќањето пред присутните рече дека авторот на фотографиите, Џим Маршал, ја забележал историјата на Сараево во период од 15 години, и тоа, како што рече, можеби во најтешкиот период низ кој поминувал овој град.
„Оваа изложба говори за можеби најтешкиот период во историјата на градот, но таа не говори, таа го слави животот. Сепак, вечерва ја славиме културата, изложбата го слави животот, ја слави културата, бидејќи сиве овие згради кои се на фотографиите на Маршал, зад себе кријат приказни за духовниот отпор, за одржувањето на културните настани во Сараево во текот на опсадата“, истакна Хашимбеговиќ.
Таа рече дека на фотографиите може да се види познатото Градско собрание во кое Сараевската филхармонија одржува концерт во текот на војната, Земскиот музеј во Сараево во кој се одржуваат изложби, потенцирајќи дека изложбата покажува дека и во време на најтешките периоди во Сараево живеела културата.
Изложбата „15 години“ ја отвори заменик-директорот на Агенцијата за остварување на правата на заедниците, Џелал Хоџиќ, кој истакна дека низ фотографиите од изложбата може да се види духот и пркосот кои ги има Сараево, и потсетувајќи дека за време на војната во БиХ, Сараево беше под опсада која траеше повеќе од 44 месеци, во која загинаа повеќе од 14 илјади луѓе, од кои над 1.600 деца.
„Колкаво срце има Сараево покажува тоа дека тие [жителите на Сараево] за време на опсадата успеаја да ги сочуваат сите верски објекти, без разлика на која конфесија припаѓаат. Сочувана е Соборната црква во Сараево, Катедралата, џамиите“, рече Хоџиќ. Тој истакна дека и покрај опсадата во Сараево се одржувале и културни настани, а дека граѓаните успеале да го сочуваат духот на градот и да дадат отпор кон сето она што се случуваше во главниот град на БиХ.
„Изложбата доаѓа во добар момент за Скопје, затоа што Скопје и Сараево се веќе збратимени градови и овој настан вечерва ја зголемува соработката меѓу двата града“, додаде Хоџиќ.
По гостувачките изложби од Хрватска, Црна Гора и Србија, изложбата „Сараево, тогаш и сега“ вечерва е отворена во Скопје.
Изложбата е дел од манифестацијата „Бела ноќ“, а специјален музички настап на отворањето имаше Дуња Иванова со нејзината програма „Слушаме во црно-бело“.
Авторот на фотографиите, Џим Маршал е роден во Шкотска, но жител на Сараево, Босна и Херцеговина, веќе 25 години. Џим е визуелен уметник чија работа се фокусира на промените и општеството, турбуленциите во граѓанското општество, климата и бегалската криза, природната убавина и урбаниот реализам.