Admir Fazlagic
11 Мај 2016•Ажурирај: 12 Мај 2016
СКОПЈЕ (АА) - Здружението на Бошњаците во Република Македонија „АВАЗ Скопје“ во Младинскиот културен центар во Скопје организираше културна манифестација „Вечер на бошњачката култура” , јавува Anadolu Agency (AA).
На самиот почеток на манифестацијата свое обраќање имаше претседателот на Здружението на Бошњаците во Македонија, Сеад Кочан, кој ги поздрави присутните гости и го истакна своето задоволство поради како што рече големиот интерес за манифестацијата, како и можноста за промоција на културните вредности на Бошњаците.
Потоа свое обраќање имаше амбасадорот на Босна и Херцеговина Лепа Бабиќ која ги поздрави присутните изјавувајќи дека културата е она што ги поврзува народите. Свое обраќање имаше и проф. д-р Зекир Рамчиловиќ, претседател на Здружението за култура, заеднички вредности и одржив развој "Диван" кој рече дека Бошњаците во Република Македонија како една од неколкуте етнички заедници се обидуваат да го зачуваат своето традиционално и културно богаство и да дадат свој придонес во сите општествени сегменти.
На манифстацијата со театаската претстава “Поштар Хасо” се претстави театарот “Диван” од Црна Гора, а потоа и КУД „Љиљан“ од Скопје со сплет од народни игри и песни.

Во забавниот дел од манифестацијата настапи младиот пеач Ален Хасановиќ, додека на крајот од вечерта настапи познатата пеачка на традиционалната босанска песна севдалинка, Ханка Палдум од Босна и Херцеговина. Таа со интерпретација на своите стари песни изнуди овации и громогласни аплаузи.
Организаторите на вечерашната културна манифестација информираа дека целта на настанот е да се промовира и афирмира дел од богатото културно наследство на Бошњаците.
На манифестацијата, присуствуваа и јавни личности, од општествениот и политичкиот живот меѓу кои и претставници од амбасадите од земјите од соседството кои имаат свои дипломатски претставништва во Македонија.