Ekipa
29 Мај 2017•Ажурирај: 29 Мај 2017
КАН (АА) - Филмот „The Square“ (Плоштад) од шведскиот режисер Рубен Оустлунд, ја освои Златната палма на јубилејниот 70. Меѓународен филмски фестивал во Кан, пренесува Anadolu Agency (AA).
Станува збор за сатирична драма во која главните улоги ги играат Доминик Вест, Елизабет Мос и Клаес Бенг, а и самиот Оустлунд беше изненаден од наградата.
Во 2014 година, во Кан, Оустлунд ја доби наградата на жирито во категоријата „Un Certain Regard“ за филмот „Force Majeure“.
Филмот „The Beguiled“ римејк-драма за граѓанската војна од 1971 година, на американската режисерка Софија Копола ѝ ја донесе наградата за најдобра режија.
Големата награда ја доби филмот „120 battements par minutе“ на францускиот режисер Робин Кампило. Оваа награда се доделува на филм кој не успеал да ја освои главната награда.
Наградата од жирито ја доби филмот „Nelyubov“, на рускиот режисер Андреј Звјагинцев.

Холивудската актерка од германско потекло Дајан Кругер е прогласена за најдобра актерка за нејзината улога во „Aus dem Nichts“, додека на американскиот актер Жоакин Феникс му припадна наградата за најдобар актер на 70. издание на Канскиот фестивал.
Феникс ја доби наградата за најдобра машка улога во филмот „You Were Never Really Here“ на режисерката Лин Ремзи.
Златната палма за краткометражен филм ја доби кинескиот филм „A Gentle Night“ на режисерот Ки Јанг.
Наградата за најдобро сценарио ја доби „The killing of a sacred deer“, на грчкиот режисер Јоргос Лантимос.
Со доделувањето на Златната палма, во која оваа година беа вградени 167 ситни дијаманти, во знак на одбележување на јубилејот на манифестацијата, заврши 70. Меѓународен филмски фестивал во Кан.
Денес, Златната палма се смета за една од најценетите награди на филмската индустрија.