Saadet Firdevs Aparı
14 Август 2020•Ажурирај: 14 Август 2020
ИСТАНБУЛ
Документарниот филм „Медена земја“ од Северна Македонија, номиниран за „Оскар“ во категориите „Најдобар документарен филм“ и „Најдобар странски филм“, за првпат ќе биде прикажан на телевизија во Турција, јавува Агенција Анадолија (АА).
Документарниот филм „Медена земја“ (Honeyland) на режисерите Тамара Котевска и Љубомир Стефанов, поддржан од Турската радио-телевизија ТРТ, во 21:30 часот по локално време ќе биде прикажан на ТРТ 2.
Документарецот „Медена земја“ во февруари минатата година беше во официјална конкуренција на престижниот американски Фестивал за независни филмови „Санденс“, при што ја доби наградата на жирито за најдобар документарен филм во конкуренција со документарци на светско ниво. На снимателите Фејми Даут и Самир Љума им беше врачена наградaта за најдобра кинематографија (Special Jury Award for Cinematography).
Исто така, документарецот го доби и специјалното признание од жирито за влијание за промена (Special Jury Award for Impact for Change).
- Медена земја
Документарниот филм „Медена земја" во режија на Тамара Котевска и Љубомир Стефанов, ја раскажува приказната за Атиџе, последната жена одгледувач на диви пчели во Европа, која живее сама со својата мајка во село што се наоѓа во централниот дел на Република Северна Македонија.
Главните ликови во филмот се Атиџе Муратова, Назифе Муратова и Хусеин Сам.