Zülfiya Yakup
01 Август 2018•Ажурирај: 02 Август 2018
ПРИШТИНА (AA) – Македонија и Косово во септември ќе потпишат договор за заеднички културни активности, најавија денеска во Приштина, министерот за култура, млади и спорт на Косово, Кујтим Гаши и министерот за култура на Македонија, Асаф Адеми, јавува Anadolu Agency (AA).
Адеми, кому посетата на Косово му е прва посета во странство од преземање на должноста министер за култура, истакна дека двете земји имаат добри односи, кои и понатаму можат да се продлабочуваат, особено во областа на културата.
„Двете земји имаат заеднички аспирации, а тоа е интеграцијата во Европската Унија и во НАТО, но исто така, она што можеме да го направиме ние како министерства, е да воспоставиме законски рамки преку кои соработката во областа на културата ќе се развива уште повеќе“, рече Адеми.
Министерот Адеми истакна дека ќе бидат основани работни групи во рамките на Министерството за култура, кои ќе го подготват законскиот дел на договорот кој ќе биде потпишан кон средината на септември.
Министерот Гаши, по состанокот со Адеми, на заедничката конференција за медиумите соопшти дека е договорено Косово и Македонија да потпишат нов договор за организирање на заеднички културни активности во двете земји.
„Имајќи предвид дека во Македонија живеат голем број Албанци и дека Македонија има голема албанска дијаспора, се согласивме да ги овластиме нашите и македонските институции од областа на културата за да имаме активности и настани со заеднички датуми“, рече Гаши.
Гаши прецизираше дека ќе се одржуваат заеднички културни активности во текот на националните датуми, но и низ соработка со театрите, филхармониите, балетот и со размена на ансамблите од Косово и од Македонија.
Тој рече дека Косово веќе има договор за заеднички културен календар со Албанија и дека постои желба културниот календар да се однесува на сите три земји, Косово, Албанија и Македонија.