Dzihat Aliju
25 Октомври 2018•Ажурирај: 26 Октомври 2018
СКОПЈЕ (АА) - Во Скопје се одржа панел-дискусија по повод 90-годишнината од раѓањето на книжевниците Џенгиз Ајтматов и 125-годишнината од раѓањето на Магџан Џумабај, јавува Anadolu Agency (AA).
На панел-дискусијата која е организирана во соработка со Меѓународната организација на турската култура (TÜRKSOY), Институтот „Јунус Емре“, Интернационалниот универзитет „Визион“ и Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, учествуваа претставници од Амбасадата на Турција во Македонија, претставници од турски институции и организации во земјата, претседателот на Турската партија за движење (ТХП) и народен пратеник, Енес Ибрахим, претседателот на Турската демократска партија (ТДП), Бејџан Илјас, претседателот на партијата Движење за национално единство на Турците во Македонија (ДНЕТ), Ердоган Сарач, професори и студенти.
Во рамките на програмата, на учесниците на панел-дискусијата им беа презентирани кадри од животите на Ајтматов и Џумабај, по што говорниците ги презентираа своите презентации за двајцата писатели.
Заменик-генералниот секретар на ТУРКСОЈ, проф. д-р Фират Пурташ, пред почетокот на програмата даде изјава за АА, во која потсети дека ТУРКСОЈ оваа година ја прославува својата 25-годишнина и додаде дека во тие рамки, на Балканот се организирани различни активности и концерти.
Пурташ рече дека на панел-дискусијата ќе бидат претставени двајца научници од Турција, Киргистан и Казахстан. Тој рече дека во минатото, Туркистан (денешен Туркестан) како центар на турската култура во светот, бил место кое ги пречекувало уметниците, интелектуалците и младината од Балканот.
„Треба уште повеќе да се интензивираат ваквите активности за запознавање на заедничката култура на општествата од овие простори. Планираме зголемување на културните партнерства. Веруваме дека луѓето од културата и уметноста ги соединуваат заедниците и го зацврстуваат заедничкиот живот. Во овој период, како во целиот свет, така и на нашите простори, на Балканот, во Анадолија, Кафказ, Блискиот Исток, нашата регионална култура има најголема потреба од меѓусебна комуникација, заеднички живот во интеракција и мир“, истакна Пурташ.
Проф. д-р Пурташ информираше дека преку оваа активност е направен првиот чекор во соработката со Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, велејќи дека преку работата што ја спроведуваат, се планира преку проектот на ТУРКСОЈ да ги постават принципите на УНЕСКО „градење мир во умовите на луѓето“ кај популацијата од овие културни простори.
- „Ако Балканот е едната половина од јаболкото, тогаш втората половина со сигурност е Анадолија“
Д-р Огузхан Ајдин, член на Катедрата за турски јазик и литература на Факултетот за хуманистички и општествени науки при Универзитетот „Бејазит Јилдирим“ во Анкара, истакна дека двајцата турски мислители, Ајтматов и Џумабај, се споменуваат во Туркестан, на Балканот, Анадолија и во целиот турски свет.
Тој ги опиша Ајтматов и Џумабај како лица од турската култура и традиција на ученост, кои им даваат душа на Анадолија и на Балканот, додавајќи дека делата на Ајтматов се преведени на голем број светски јазици. Ајдин рече дека Ајтматов е трета личност во светот според читаност.
Зборувајќи дека турската цивилизација е родена во Бухара, а потоа пренесена во Бурса и од таму на Балканот, д-р Ајдин рече:
„Скопје, родната земја на Јахја Кемал, Призрен и Приштина на Ипек Мехмет Акиф и Шемсетин Сами. Можеме да забележиме дека Балканот и балканските простори, чиј воздух го дишеа тие познати личности, всушност воопшто не се разликуваат од просторите на Туркестан. Ако Балканот е едната половина од јаболкото, тогаш втората половина со сигурност е Анадолија“.
Проф. д-р Октај Ахмет, шеф на Катедрата за туркологија на Факултетот „Блаже Конески“ во Скопје, за Ајтхматов рече дека е најпознатиот турски писател во светот, додавајќи дека Џумабај станал познат со својата љубов кон Турција и Ататурк.
Ректорот на Интернационалниот универзитет „Визион“, проф. д-р Фадил Хоџа, рече дека како претставници на турскиот свет, имаат за цел, со организирањето на оваа конференција на Балканот, да ги запознаат регионалните народи со овие двајца книжевници.
Панел-дискусија во спомен на годишнината од раѓањето на двајцата книжевници Ајтматов и Џумабај утре ќе биде организирана во Гостивар.