Hilal Uştuk
01 Ноември 2018•Ажурирај: 01 Ноември 2018
ИСТАНБУЛ (АА) - Во рамките на 6. Босфорски филмски фестивал во Истанбул, одржана е панел-дискусија „Заеднички продукции за независни филмови“, на која свои обраќања имаа директорот на Заедничката и надворешната продукција на Турската радио-продукција (ТРТ), Фарук Ѓувен, турската продуцентка Зејнеп Атакан и бугарскиот продуцент и сценарист Борислав Чучков, јавува Anadolu Agency (AA).
Фестивалот е поддржан од турското Министерство за култура и туризам, а АА е глобален медиумски партнер на овој настан. Панелот е одржан во рамките на програмата „Bosphorus Film Lab“.
Ѓувен истакна дека панелот претставува можност за размена на информациите за заеднички меѓународни проекти, и додаде дека стручниот тим на ТРТ одбрал некои проекти во фаза на пишување на сценариото кои ќе ги поддржи во наредниот период.
„На фестивалите се појавуваат вредни проекти, има многу пријави. Се обидуваме да ги избереме најдобрите од комплетната понуда на Филм-фестивалот во Анталија и од овој во Истанбул. Секој проект е вреден на посебен начин“, рече Ѓувен.
Истакнувајќи дека турското Министерство за култура и туризам и ТРТ им придаваат големо значење на заедничките проекти, Ѓувен рече дека ТРТ во изминатите две години бил копродуцент во близу 20 проекти.
Бугарскиот продуцент Чучков истакна дека често доаѓа во Турција, бидејќи исклучително ја сака и цени турската кинематографија.
Чучков беше копродуцент на филмот „Соопштение“ (Anons) на турскиот режисер Махмут Фазил Џошкун и „Браќа“ (Kardesler) на турскиот режисер Омур Атај.
„Штом го прочитав сценариото на филмот „Соопштение“, знаев дека сакам да бидам дел од тој проект. Потврдата дојде со бројните фестивалски награди“, рече Чучков.
Тој појасни дека филмовите во Бугарија се снимаат со пари од фондови, а не од приватен сектор, и додаде дека продуцентите мораат да исполнат бројни предуслови за да ги добијат средствата.
„Во тој контекст, важна е меѓународната копродукција, во која не мислиме само на парите. Можеме да се базираме на креативно творештво“, рече Чучков.
Тој рече дека постојат и одредени проблеми при меѓународна копродукција, кога во проектот ќе се вклучат многу земји. Додаде дека тој тоа и самиот го искусил во последниот филм, во кој биле вклучени Бугарија, Германија, Белгија, Србија и Македонија.
Продуцентката Атакан истакна дека меѓународната копродукција е многу важна тема која излегува од рамките на комерцијална соработка.
Нагласувајќи дека сите филмови ги работела во копродукција, Атакан рече дека е потребно доста знаење и трпение во потрага по соработници во тие проекти.
„Сметам дека копродукцијата е неизбежна за остварување на добри проекти. Сите филмови ги изработив на тој начин и ќе продолжам да работам така“, рече Атакан.
Модератор на панелот беше Емрах Килич, арт-директор на Босфорски филмски фестивал.