Senada Ibraimova
05 Декември 2016•Ажурирај: 06 Декември 2016
СКОПЈЕ (АА) – Вечерва во домот на АРМ во Скопје се одржа концерт на тасавуфска музика „Илахија – Звукот на Љубовта“, во изведба на оркестарот на тасавуфска музика на Коња, при Министерството за култура на Република Турција, јавува Anadolu Agency (AA).
Концертот беше во организација на фондацијата Хафиз Абдулах Назирли, Институтот Јунус Емре – Турски Културен Центар Скопје во соработка со МАТУСИТЕБ – Сојуз на Турски невладини организации во Македонија.
На вечерашниот концерт оркестарот на Коња при турското Министерство за култура изведе 14 дела - илахии, кои се избрани во склоп на натпреварот, што го организираше фондацијата Хафиз Абдулах Назирли пред 6 месеци. На натпреварот учествуваа 227 дела од различни држави на светот. Овој концерт со избраните 14 дела првпат беше изведен во турскиот град Коња, а на меѓународно ниво, за првпат вечерва се изведува со Скопје.
Претседателот на управниот одбор на фондацијата Хафиз Абдулах Назирли, Вехби Назирли, во својата изјава за АА рече дека жирито на натпреварот ги избра 14-те илахии, кои вечерва се интерпретираат во Скопје, а истите се наградени со парична награда.
„Овие 14 дела се изведувани од страна на тасавувскиот оркестар во Коња, Анкара, Истанбул, Елази и сега во Скопје. Се надевам дека звуците на Анадолија ќе ги споделиме сите заедно овде“.
Уметничкиот директор на оркестарот на тасавуф од Коња, Јусуф Каја, рече дека е презадоволен од организацијата на вечерашниот настап на оркестарот пред скопската публика.
Заменик директорот на Институтот Јунус Емре – Турски Културен Центар Скопје, Фуат Коркмаз пак, рече дека оваа вечер анадолските мотиви ќе имаат можност да ги слушнат и македонските пријатели и додаде оти, како институт ги организираат овие настани со цел да ја споделат анадолската цивилизација со Балканот.
На концертот присуствуваа претседателот на Матуситеб, Хусрев Емин, советникот за култура при амбасадата на Турција, Хакан Озчелик, претседателот на МАТО, Ејуп Кавеџи и други претставници на турската дипломатија, новинари и уметници.