Betül Yürük
26 Ноември 2019•Ажурирај: 27 Ноември 2019
ЊУЈОРК
Турскиот актер Халук Билгинер е овогодишен добитник на наградата за „Најдобар машки актер“ на 47. доделување на наградите „Еми“, што се доделуваат за извонреден перформанс во телевизиската индустрија. Тој ја освои наградата за улогата во серијата „Личност“ (Şahsiyet), јавува Агенција Анадолија (АА).
Оваа година во Њујорк се одржа церемонија на која по 47. пат беа доделени статуетките на меѓународната награда „Еми“.
Во категоријата најдобар машки актер се натпреваруваа 4 актери, претставници на Турција, Англија, Германија и Бразил, а наградата му припадна на турскиот актер Билгинер.
Актерот Билгинер ја освои наградата за улогата во серијата „Личност“ (Şahsiyet), во која го игра ликот на серискиот убиец Агах, кој боледува од Алцхајмерова болест.
Халук Билгинер по примањето на наградата за АА изјави: „Многу добро се чувствувам. Повеќе од себеси се радувам што оваа награда заминува во Турција. Големо е задоволството кога работата што ја работите со љубов и задоволство е ценета и од другите и е крунисана со награда од страна на меѓународна платформа. Многу сум среќен.“
По доделувањето на наградата, Билгинер одржа мал говор, зборувајќи за серијата. Тој рече дека во серијата станува збор за загуба на правдата и меморијата, истакнувајќи: „Проверете дали во општеството во кое живееме нема загуба на меморија.“
На церемонијата беа доделени 11 награди „Еми“ и 2 специјални награди. Наградата за најдобра актерка ја освои Унгарката Марина Гера.
Во категоријата комедија, наградата ја освои бразилскиот филм „Especial de Natal Porta dos Fundos“ (The Last Hangover), наградата за најдобар документарен филм ја доби холандскиот „Bellingcat - Truth in a Post-Truth World“, во категоријата драма, победник е англиската серија „McMafia“, а наградата за најдобра мини серија ја доби австралиската „Safe Harbour“.