İsmihan Özgüven
08 Ноември 2021•Ажурирај: 09 Ноември 2021
АДАНА (АА) - ИСМИХАН ОЗЃУВЕН -
Во Адана, јужна Турција, за време на ископувањата во месноста Татарли, што непрекинато се користела како населба од неолитот до раниот римски период, откриено е место што се користело за складирање храна во средното железно време, јавува Агенција Анадолија (АА).
Со ископувањата на локалитетот Татарли во областа Џејхан, покрај расветлување на историјата на подрачјето, се стигнува до наоди кои докажуваат дека се работи за градот Лавазантија, еден од најважните градови на државата Кизуватна, каде што е родена и растела кралицата на Хетите, Пудухепа.
Раководителот на ископувањето, доц. д-р Сердар Гиргинер од Археолошкиот оддел на Факултетот за уметности и науки при Универзитетот „Чукурова“, за АА изјави дека ископувањата во Татарли Хојук продолжуваат со поддршка на Министерството за култура и туризам на Турција, Генералниот директорат за културно наследство и музеи и Општина Адана.
Гиргинер наведе дека Татарли, во Чукурова, бил голем град во хетитскиот период во вториот милениум пред нашата ера.
Тој потсети дека за време на ископувањата, кои продолжиле со 16 работници во три ровови, откриле јама за отпадоци што се користела во средното бронзено време од пред 4.000 години.
Наведувајќи дека наишле на нови откритија што ќе ја расветлат историјата и дека откриле складиште во регионот, Гиргинер рече:
„Откривме различни садови за складирање на локалитет од средното железно време. Овие садови се полни со земја. Членовите на нашиот ботанички тим ќе најдат остатоци од карбонизирани зрна жито. Во големите садови откриени се и садови за мерење. Но, експертите ќе кажат дали зрната се од леќа, јачмен или пченица. Освен тоа, откривме и скелет од говеда од хеленистичкиот период. Овој скелет не бил закопан во посебна јама. Да беше закопан во посебна јама, можеби ќе помислевме дека бил посветен на боговите од хеленистичкиот период. Говедата секогаш биле одгледувани и колени од богатите. Тоа е животно што сака вода. Во оваа област има многу вода.“
Гиргинер исто така додаде дека имаат за цел да дојдат до информации за храната што се користела во средното железно време и методите на производство.
- „Ископувањата повторно ја пишуваат историјата на Адана“ -
Истакнувајќи дека оваа сезона ќе работат и на ров поврзан со халколитскиот период рече:
„Да видиме какви изненадувања има Татарли. Претпоставувам дека овие ископувања повторно ја пишуваат историјата на Адана, бидејќи ги анализиравме шемите на населбите, ликовите и сè што правеле луѓето, почнувајќи од неолитскиот период до раниот римски период.“
Гиргинер изјави дека местото Татарли е на пат да се претвори во музеј на отворено со ископувањата.