Mehmet Bayrak
10 Април 2026•Ажурирај: 10 Април 2026
Во подрачјето на Дефне во турската област Хатај, 67-годишниот Сулејман Ѓулбол, по своето пензионирање, се посветува на создавањето уметнички дела со методот диорама. Користејќи отпадни материјали што ги собира од природата, тој создава тридимензионални ремек-дела кои раскажуваат приказни, пишува Анадолу.
По катастрофалните земјотреси кои го погодија Кахраманмараш на 6 февруари 2023 година, Ѓулбол се пензионира од својата професија како сметководител и решава да ѝ се врати на својата младешка страст – диорамата. Во својата монтажна работилница, која ја поставил во дворот на неговиот дом во населбата Харбије, тој им дава нов живот на предметите.
За Сулејман, природата не е само пејзаж, туку ризница на материјали за творење. Секоја пластика, стакло, парче дрво, па дури и исушен лист или камен со необична боја што ги наоѓа за време на своите прошетки, стануваат дел од неговиот минијатурен универзум.
Со помош на сечила и скалпели, Ѓулбол трпеливо ги обликува материјалите, смалувајќи ги до најситен детал, а потоа со пинцета и лепило внимателно ги вградува во своето дело. Така, под неговите прсти никнуваат тридимензионални светови, кои претставуваат минијатурни реплики на историската архитектура на Хатај, со толку автентичен изглед, што речиси може да се почувствува мирисот на старата чаршија.
Во магијата на диорамата, Ѓулбол пронаоѓа прибежиште од болните сеќавања на земјотресот, а неговите творби денес гордо сведочат за овој тивок триумф во неговата мала работилница.
- „Верувам во исцелителната моќ на уметноста“ -
Ѓулбол во разговор со Анадолу раскажа дека за изработка на секоја поединечна диорама му се потребни од 10 до 30 дена трпелива работа.
„Верувам во исцелителната моќ на уметноста. Со мислата дека таа служи како мост преку кој луѓето ги пребродуваат своите трауми, се насочив кон творењето, сакајќи да си помогнам и себеси, но и на сите околу мене“, рече тој.
Ѓулбол вели дека оваа уметност не е само редење фигури, туку тивок шепот на сеќавањата и начин да се раскаже еден миг, па затоа со огромно внимание се труди неговите дела да зрачат со емоција.
Раскажувајќи за долгиот и трпелив пат до секое завршено ремек-дело, тој вели:
„Го собирам каменот, го клесам со сопствени раце и му наоѓам место во приказната. Парчињата дрво што остануваат од столарските работилници ги претворам во уште поситни и понежни делови. Собирам лисја од околните дрвја, ги сушам, ги ситнам и така ги вткајувам во моите светови. Секој елемент поминува низ моите дланки пред да стане дел од вечноста.“