Jorge Antonio Gonzalez Rocha
29 Април 2026•Ажурирај: 29 Април 2026
Канцеларијата на државниот обвинител на Мексико најави целосна истрага за двајца американски агенти на ЦИА што загинаа во сообраќајна несреќа, кои немале овластување да учествуваат во локална рација, јавува Анадолу.
Специјализираното обвинителство за регионална контрола (ФЕКОР), кое истражува федерални кривични дела, ќе отвори две досиеја во врска со двајцата агенти на ЦИА, кои загинаа во несреќа во Чивава, погранична сојузна држава во Северозападно Мексико, за можни кривични дела против националната безбедност.
„Истрагата за присуството на странски лица, поради нејзините карактеристики и релевантност, покрај разгледувањето на можноста дека можеби се извршени кривични дела поврзани со националната безбедност, му е доделена на Специјалното обвинителство за истрага и судски постапки за сложени случаи во рамките на ФЕКОР“, се вели во соопштението.
Втора истрага ќе се спроведе и во врска со лабораторијата за наркотици уништена на 19 април од страна на мексиканските безбедносни сили, каде што се претпоставува дека биле вклучени агенти на ЦИА.
Смртта на двајцата Американци ја потресе земјата откривајќи тесна врска помеѓу мексиканската државна влада и странските разузнавачки агенции, што е можно кршење на Уставот, кој воспоставува строга контрола врз странските агенти во Мексико и ги забранува нивните дејства без овластување.
Гувернерката на Чивава, Мару Кампос, од Националната партија за акција - втора по големина политичка сила во Мексико и силен противник на Владата на претседателката Клаудија Шајнбаум - негираше дека имала сознанија дека американските агенти работеле во нејзината држава во безбедносни задачи.
Гувернерка формира свој тим за да истражи што се случило, но досега се дистанцира од странските агенти.
Канцеларијата на државниот обвинител предупреди дека доколку се откријат кривични дела против националната безбедност, сите инволвирани ќе бидат повикани на одговорност.