Ekipa
29 Април 2016•Ажурирај: 01 Мај 2016
МАДРИД (АА) - Работниците кои местеле цевки во паркот, ископале околу 600 килограми римски пари за кои културните работници велат дека се единствено историско откритие, јавува Anadolu Agency (AA).
Од Археолошкиот музеј Севиља соопштија дека градежниците пронашле 19 амфори во кои имало илјада неискористени монети обложени со бронза и сребро кои датираат од крајот на четвртиот век.
Се верува дека монетите се ковани во тоа време и дека најверојатно биле наменети за платите на војниците и државните службеници.
Ана Наваро, директорката на музејот, изјави дека откритието кое се случило во средата во јужниот град Томарес во близина на Севиља е единствено и е од непроценлива вредност за Шпанија.
„Ги контактирав колегите од Велика Британија, Франција и Италија кои ми потврдија дека се работи за едно од најзначајните откритија од тој период", додаде Наваро.
Регионалната културна канцеларија денес објави дека работата со градежништвото е спречена и дека археолозите ќе продолжат со ископување.
Римјаните започнаа да ја освојуваат Шпанија 218 година пред новата ера и владееа со неа сè до крајот на петтиот век.