Admir Fazlagic
30 Мај 2018•Ажурирај: 31 Мај 2018
СКОПЈЕ (АА) - На големата сцена во Македонски народен театар (МНТ) вечерва гостуваше Југословенско народно позориште (ЈНП), од Србија со претставата „Ајштајновите соништа", според истоимениот роман-бестселер на Ален Лајтман во режија на македонскиот режисер Слободан Унковски, јавува Anadolu Agency (AA).
Оваа претстава, според режисерот Унковски, е многу специфична. Таа се занимава со проблемот на времето и на просторот, она што е најдоминантно во работата на Ајнштајн.
Претставата е работена по романот на американскиот писател и физичар Ален Лајтман (1948), член на Американската академија на науки и уметности, кој истражува во областа на астрофизиката, теоријата на релативноста, процесот на радијација и движењето на ѕвездениот систем.
Збирката раскази „Ајнштајновите соништа“ му е преведена на повеќе од 40 јазици, а режисерот Унковски се заинтересирал сценски да ја постави уште од нејзиното појавување на почетокот на 1990-тите.
Актерот Драган Миќановиќ го игра ликот на научникот Алберт, а во екипата на Југословенското народно позориште се уште 12 актери.
Драматизацијата на текстот ја направи Русомир Богдановски, а композитор на музиката е Златко Ориѓански.
Инаку, театарската претстава „Ајштајновите соништа" беше изведена и вчера, каде присуствуваа бројни љубители на театарската уметност.