Ekipa
11 Јуни 2018•Ажурирај: 11 Јуни 2018
АДАНА (АА) - Турскиот министер за европски интеграции, Омер Челик, остро го критикуваше австрискиот канцелар Себастијан Курц поради одлуката за затворање џамии во земјата, јавува Anadolu Agency (AA).
„Австрискиот канцелар со ова стана претставник на антиисламизмот и расизмот. Со дијалог може лесно да се реши доколку откриле нешто погрешно во која било џамија“, порача Челик во изјава за телевизијата „Хабертурк“ (Haberturk).
Потсетувајќи дека Австрија во следниот мандат од Бугарија ќе ја преземе улогата на претседавач со Европската Унија, Челик рече дека австриската Влада за иднината на Европа е бомба со извлечен осигурувач.
За австрискиот канцелар Курц, Челик истакна дека младиот сонувач, кој никој во Европа не го сфаќа сериозно бидејќи не покажува никакви визии со политички капацитет, веќе се впуштил во радикална десничарска и популистичка реторика.
„Постоеше желба за нормализирање на односите со Австрија, но сега канцеларот на таа земја стана претставник на антиисламизмот и расизмот“, рече Челик и изрази загриженост за иднината на Европа во наредниот период.
Истакнувајќи дека во пресрет и за време на австриското претседавање со Европската Унија нема намера да оди во официјални посети на Виена, Челик рече дека Турција тоа претседавање го смета за непостоечко.