Admir Fazlagi
11 Октомври 2016•Ажурирај: 12 Октомври 2016
СКОПЈЕ (АА) - Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, по повод 11 Октомври – Денот на народното востание, упати честитка до граѓаните на Република Македонија, јавува Anadolu Agency (AA).
„Ако постои една идеја што како светилник нè водела низ бурите на историјата, тоа е идејата за слобода на Македонија. Благодарение на таа идеја, ние сме наоѓале сила да се помириме и да ги надминеме поделбите“, вели претседателот Иванов во својата честитка.
„Минаа 75 години од 11 Октомври 1941-та, од денот кога македонскиот народ се дигна на востание за ослободување на Македонија од нацистичкиот и фашистичкиот окупатор. Следуваа најтешките години, исполнети со многу борби, жртви и искушенија. Иако соочени со многупати посилен и подобро вооружен непријател, борците во Народноослободителната борба не потклекнаа и заедно со слободољубивиот народ на Македонија храбро маршираа кон слободата. На 2 август 1944-та, на нашиот втор Илинден, тие се изборија за државотворниот АСНОМ. Нивното дело го продолжија основоположниците на независна Република Македонија. На 8 септември 1991-та, пред 25 години, го остваривме нашиот трет победоносен Илинден“,стои во честитката упатена од претседателот Иванов.
Честитајќи им го празникот на граѓаните, претседателот на Република Македонија потсетува дека 11 Октомври беше возможен поради свежите сеќавања за илинденската епопеја. Тој истакнува дека без 11 Октомври 1941-та, ќе го немаше ниту вториот, ниту третиот Илинден.
„Благодарение на 11 Октомври, се изборивме и за слобода, и за државност и за независност. Нишката што ги поврзува сите наши Илиндени е идејата за слобода на Македонија, која ги надминувала и ги порамнувала сите разлики. Оваа година на двоен јубилеј нè затекна меѓусебно поделени и раскарани. Премногу долго, длабоката политичка криза ја исцрпува енергијата на нашето општество и економија и им ја одзема перспективата на нашите млади. Неопходно е разрешување и надминување на кризата. 11 Октомври и 8 Септември треба да бидат потсетување дека само ако се помириме, ако си простиме и се сплотиме, ќе можеме да ја зачуваме слободата, сувереноста и независноста на нашата заедничка татковина – Република Македонија“, вели претседателот на Р. Македонија, Иванов, во честитката по повод Денот на народното востание.
„Треба да им бидеме благодарни на сите кои учествуваа во остварувањето на стремежот за слобода, државност и независност. Нам ни останува да го чуваме сето тоа што го имаме“, се наведува во честитката од претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов.