Selin Çalık Muhasiloviç
29 Август 2018•Ажурирај: 30 Август 2018
ИСТАНБУЛ (АА) - ЕЛИФ СЕЛИМ ЧАЛИК МУХАСИЛОВИЌ –
Челничката на програмата на УНЕСКО за култура на дипломатија, управување и образование при Европскиот центар за дипломатски и стратешки студии, Наџије Селин Шеноџак, изјави дека западните медиуми и Ватикан во врска со сексуалните скандали во Католичката црква во прв план ја истакнуваат изјавата на папата Франциско, кој за време на посетата на Ирска упати молитва за простување на гревовите, но не ги осуди отворено тие скандали, јавува Anadolu Agency (AA).
Таа во разговор за АА истакна дека целта на истакнувањето на тие изјави на папата е Ватикан да се прикаже како невин субјект кој мора да плаќа отштета на оштетените, а не како виновник за скандалот.
Врховниот суд во Пенсилванија, минатата недела објави извештај кој покажува дека над 300 свештеници педофили сексуално злоупотребиле најмалку илјада деца, а Католичката црква на таа американска сојузна држава го прикривала тоа.
Професорката Шеноџак наведува дека ваквите скандали не се нови, и дека покрај сите напори на Ватикан тие да се прикријат, мрачната историја и тешките злосторства на Католичката црква излегуваат на виделина, најнапред поради фактот што ваквите случаи започнаа да се објавуваат во медиумите, а исто така и да се процесуираат на цивилните судови.
„Бенедикт XVI во 2002 година во врска со скандалот во црквата за новинарите изјави (mea culpa) „мој грев“. Папата тогаш призна дека во период од 1950 до 2002 година 4.450 свештеници учествувале во случаи на сексуално злоупотребување. Тоа е втор пат во историјата на Ватикан, ваков случај да заврши на начин папата да го признае тоа. Особено во САД се започнати илјадници судски процеси, а американското правосудство донесе пресуди според кои Католичката црква е должна на повеќе од 100.000 жртви да им исплати 2,2 милијарди долари“, изјави Шеноџак.
Таа понатаму изјави дека Ватикан и западните медиуми многу добро прикриваат низа скандали, вклучувајќи го и скандалот поврзан со сексуалното злоупотребување на децата во црквите.
„Не смее да се заборави дека човечката чест и достоинство се најважна тема и дека претпрената болка и тага не можат да се надоместат со никакви пари, ниту барање прошка. Од друга страна, целата таа ситуација се најде во медиумите и доведе до тоа многу млади генерации да се оддалечат од црквата и да се упатат кон алтернативни религии“, изјави Шеноџак.
Таа понатаму изјави дека младите генерации во Европа, посебно до септемвриските терористички напади во САД, покажувале интерес за исламот бидејќи во католичкиот свет не ја пронаоѓале потребната духовност. Таа додаде дека невладините организации во САД таа ситуација ја виделе како закана и развиле концепт на судири на цивилизациите, кој на крајот резултираше со претставување на исламот како терористичка религија.
Истакнувајќи дека муслиманската популација во светот моментално брои 1,7 милијарда луѓе, Шеноџак изјави дека христијанските кругови се вознемирени од брзиот раст на таа популација и дека интензивно водат антиисламска кампања.
„За жал, муслиманските земји не ги преземаат потребните чекори и недоволно реагираат на скандалите во Ватикан или на црната антиисламска пропаганда на западните медиуми“, порача Шеноџак.
Таа на крајот изјави дека христијанскиот свет на исламот му припишува варварство, но дека христијаните се тие што ги сториле најкрвавите варварства во историјата.