Barış Seçkin
28 Септември 2016•Ажурирај: 28 Септември 2016
ВАТИКАН (АА) - Поглаварот на Римокатоличката црква, папата Фрањо, ги осуди нападите на цивилите во Алепо и упати порака до одговорните за тие напади да се сетат дека пред Бога со сигурност ќе одговараат за своите дела, јавува Anadolu Agency (AA).
Во обраќањето за време на редовниот неделен прием на плоштадот Св. Петар во Ватикан, папата Фрањо се осврна на случувањата во Сирија и на нападите во Алепо.
„Моите мисли уште еднаш се со разорената Сирија. И понатаму добиваме драматични вести за страдањето на народот во Алепо. Сакам да порачам дека сочувствувам со нивната болка и дека со духот и молитвата сум со тој народ“, порача папата Фрањо.
Папата изрази длабока загриженост поради случувањата во Сирија, а особено во Алепо, во кои страдаат деца, жени, болни и сите невини луѓе.
„Повторно ги повикувам сите страни во Сирија да ги заштитат цивилите. Одговорните за бомбардирањата и нивната совест ги потсетувам дека со сигурност ќе одговараат пред Бога за своите дела“, изјави папата Фрањо.
Силите лојални на режимот на сирискиот претседател Башар ал Асад, на 19 септември, еднострано прогласија прекин на примирјето, кое со договорот меѓу САД и Русија во Сирија беше воспоставено на 12 септември. Во изминатите неколку дена, силите лојални на сирискиот режим со поддршка на руските сили вршат жестоки напади на деловите на Алепо контролирани од страна на силите на опозицијата.
Во нападите во Алепо, од прекинот на примирјето до денес се убиени најмалку 481, а ранети се 1.646 цивили.