Kasım İleri
07 Октомври 2018•Ажурирај: 16 Октомври 2018
ВАШИНГТОН (АА) - Тврдењата дека саудискиот новинар Џамал Кашоги е убиен во Конзулатот на Саудиска Арабија во турскиот град Истанбул, предизвикаа реакции во САД, пренесува Anadolu Agency (AA).
Уредникот на „Вашингтон пост“ (The Washington Post), Фред Хиат, говореше околу тврдењата, базирајќи се на веста на „Ројтерс“ (Reuters) во врска со тоа дека Кашоги бил убиен во саудискиот Конзулат во Истанбул. „Ако се точни вестите дека Џамал е убиен, тоа би претставувало монструозен и неодгатлив акт“, рече тој.
Според него, Кашоги е храбар новинар. „Се надеваме дека сѐ уште е таков. Тој пишува со чувство на љубов кон неговата земја и длабока верба во човечкото достоинство и слобода. Беше почитуван во неговата земја, на Средниот Исток и во светот. Бевме многу горди што ги објавувавме неговите написи“, нагласи Хиат.
Според информациите добиени од турските полициски служби, Кашоги на 2 октомври влегол во саудискиот Конзулат во Истанбул за да добие потребни документи за венчавање, а откако неговата свршеница изјавила дека не може да го исконтактира, турската полиција внимателно ги надгледува сите влезови и излези на Конзулатот.
Турската полиција го истражува случајот, а вчера соопшти дека 15 саудиски државјани и официјални претставници со два авионски лета допатувале во Истанбул и го посетиле саудискиот Конзулат во истиот период кога Кашоги бил внатре.