Senada Ibraimova
06 Декември 2016•Ажурирано: 07 Декември 2016
СКОПЈЕ (АА) - Денес во Скопје се одржа дебата на темата „Жени жртви на семејно насилство – потенцијални бездомнички“, во организација на Националната мрежа против насилството врз жените и семејното насилство, Асоцијацијата за истражување, комуникации и развој „Паблик“ и НВО „Една може“, јавува Anadolu Agency (AA).
Асоцијацијата за истражување, комуникации и развој „Паблик“ направи истражување за бездомништвото во државата, по што ја дополни постојната дефиниција на овој термин со два нови профила – скриено и потенцијално бездомништво преку 9 категории и 15 поткатегории, меѓу кои и лица што живеат кај роднини, пријатели, жени во шелтер центри за семејно насилство, лица што остануваат подолго во институции поради тоа што немаат дом, лица на кои им се одзема домот даден под хипотека, како и лица што живеат во привремени неконвенционални живеалишта.
Извршната директорка на Асоцијацијата за истражување, комуникации и развој „Паблик“, Климентина Илијевски, изјави дека една од најранливите групи, кои се соочуваат со проблемот исклученост од правото на домување и бездомништво се жените жртви на семејно насилство. „Овие жени имаат можност три месеци да бидат згрижени во шелтер центар, со можност за продолжување за уште три месеци. Потоа, поради неможноста да се справат со ситуацијата во којашто се нашле, останува да се вратат кај насилникот“, истакна таа.
Според неа, кога станува збор за потенцијално бездомништво, жените што се соочуваат со ваква ситуација често се враќаат кај своите семејства, но во таков случај се соочуваат со проблемот пренаселени семејства. „За жал, во Македонија нема национална норма за домување и не можеме да го правиме мерењето во иднина согласно типологијата ЕТХОС (Европска типологија за бездомништво и за исклученост од правото на домување). Оваа категорија, поткатегорија кај нас е исклучена“, рече Илијевски.
Таа нагласи дека нема податоци за тоа со каква бројка се соочуваме, во која поткатегорија од ЕТХОС припаѓаат овие жени, каква е нивната географска распространетост и кои се нивните потреби од аспект на социјална заштита, здравствена заштита и вработување.
Според неа, за ваквите случаи потребно е да се направат соодветни интервенции, пред сѐ, во Законот за социјалната заштита.
Извршната директорка на Националната мрежа против насилство врз жените и семејно насилство, Елена Димушевска, пак, во својата изјава рече дека системот за заштита на жените жртви на семејно насилство затајува. Таа нагласи оти напуштањето на насилникот го повлекува социјалното прашање кај жените, односно немањето живеалиште, и поради ова, опцијата е или бездомништво, или насилство.
Таа истакна дека државата нема развиено никакви мерки за поддршка на жените што се жртви на семејно насилство и кои би биле сместени во шелтер центар.
„Не постојат мерки за вработување, не постојат мерки за домување и во суштина жените жртви на семејно насилство се оставени сами на себе“, нагласи Димушевска и упати апел до државата да развие мерки коишто ќе им помогнат на жените што се во ваква ситуација за време на целиот процес, односно при напуштањето на насилникот, и потоа во процесот на ресоцијализација.
Според Асоцијацијата за истражување, комуникации и развој „Паблик“, во Македонија секоја трета жена е жртва на семејно насилство, а за оваа појава или се молчи, или пак жртвите се принудени сами да се борат за своите права, бидејќи со години наназад изостанува поддршка од институциите.