Ekipa
20 Февруари 2019•Ажурирај: 21 Февруари 2019
ИСТАНБУЛ (АА) - Активистите и невладините организации од повеќе од 100 земји во светот ги повикаа сите меѓународни организации и шефови на држави да вложат напори, со цел ослободување на жените и децата кои се наоѓаат во сириските затвори, јавува Anadolu Agency (AA).
„Сакаме жените и децата од Сирија да бидат безусловно пуштени без какво било преговарање“, порача Ѓулден Сонмез, заменик-претседател на Движењето за правда и заштита на човековите права (IHAK), во заедничка изјава на активистите и невладините организации од 105 земји.
Тие ги повикаа меѓународните механизми, првенствено Обединетите нации (ОН) и Организацијата за исламска соработка, како и лидерите на сите земји, во прв ред Турција, Русија и Иран, да продолжат со вложувањето напори кога станува збор за ослободување на жените и децата.
Заедничката изјава, која е напишана на арапски, англиски и турски јазик, ја прочита Сонмез, нагласувајќи дека во воените ситуации е потребно да се почитуваат човековите и правни закони.
Таа се осврна и на тоа дека во двете светски војни животите ги загубиле милиони лица и дека се направени голем број воени злосторства.
„Нека не се повтори вакво нешто“, изјави Сонмез, „упатени се молитви од секоја куќа, улица, џамија, црква и синагога во светот“. Таа потсети и на тоа дека се основани ОН, потпишани се неколку меѓународни договори и документи за човековите права, но војните не се завршени, како ни страдањата на луѓето.
Сонмез нагласи дека војната во Сирија започнала во март 2011 година. Оттогаш до денес животот го загубија повеќе од 450.000 лица, многу се исчезнати и ранети, а 11 милиони ги напуштија своите домови барајќи засолниште како во земјата, така и надвор од нејзините граници.
Во заедничката изјава е укажано и на тоа дека десетици илјади лица се затворени во затворите или објектите кои служат за иста цел. „За жал“, изјави Сонмез, „во ваква ситуација во Сирија, не беше можно да се заштитат цивилите.“
Според податоците на големиот број организации, се наведува во изјавата што ја прочита Сонмез, до денес се затворени над 13.500 жени. Повеќе од 7.000 лица сè уште се во затворите. Силите лојални на режимот на сирискиот претседател Башар ал Асад го користат силувањето како оружје против жените.
Не е познато колку цивили се затворени во нефункционални фабрики, хангари и слични објекти. Некои жени се затворени додека биле бремени и се породиле во заробеништво.
Сонмез потсети и на Меѓународниот конвој на совеста, кој минатата година за 8 Март - Денот на жените, го започна група за да го пренасочи вниманието на светската јавност кон проблемот на жените што се наоѓаат во затворите на сирискиот режим Башар ал Асад. Во Хатај минатата година пристигна конвој од околу 200 автобуси со жени од 55 земји.
„Сите знаеме дека мирот е најдобар за сите луѓе. Но изградбата на мирот не е лесна како војната. Ние велиме дека војната мора да има закон на моралност. Затоа се собравме од целиот свет“, порача Сонмез.
Секој учесник во Движењето на совеста во својата земја сè до 8 Март ќе се обиде да ја подигне свеста за оваа тема преку активности, како што се кампања, конференции, и преку социјалните мрежи.