АНКАРА (АА) - МЕТИН МУТАНОГЛУ/ФАРУК ТОКАТ/АДАМ КАКО
Претседателот на Цивилната одбрана во Сирија („Бели шлемови“), Раид Салих, истакна дека тие се првите сведоци на сите извршени масакри и прекршувања на правата во Граѓанската војна во Сирија, и затоа, како што кажа тој, биле изложени на лажни обвинувања и биле директна цел. Тој нагласи дека за да им помагаат на цивилите, тие прифаќаат финансиска поддршка од секоја земја и институција, под услов да нема политичко наметнување.
Салих, претседателот на Цивилната одбрана во Сирија, која на меѓународната сцена е позната како „Бели шлемови“, во изјава за Anadolu Agency (AA) разговараше околу активностите, структурата и финансиските извори на оваа организација, како и за предизвиците со кои се соочуваат и за тврдењата околу нив.
Салих нагласи дека „Белите шлемови“ се формирани на крајот на втората година од Граѓанската војна, односно во 2012 година во Алепо, од страна на група млади од различни професии.
„Кон крајот на 2012 година, некои подрачја во Сирија почнаа да остануваат надвор од контролата на режимот. Потоа, режимот изврши артилерирски и воздушни напади врз цивилните населени места. По оваа состојба постоеше потреба за една екипа која ќе работи на спасување на цивилите кои беа заглавени под урнатините предизвикани од овие напади“, рече Салих, додавајќи дека потоа екипата постојано се зголемувала.
Според него, во 2015 година нивната организација станала позната во светот, и почнале да ги нарекуваат „Бели шлемови“, поради тоа што за време на операциите за пребарување и спасување носеле бели шлемови.
Салих информираше дека до минатата година достигнале 4.300 доброволци, но дека можат да вршат активности само во оние подрачја во кои имаат дозвола.
„Не можеме да работиме во оние подрачја во кои владее режимот, бидејќи тој нѐ опишува како терористи. Повеќепати ни се закани. Не можеме да работиме ниту во подрачјата во Африн кои се контролирани од страна на ЈПГ, бидејќи ЈПГ, кон крајот на 2015 година ни ги приведе вработените. Во тој период во Африн ни ги запленија амбулантните возила и опремата за пребарување и спасување. Поради слични причини не можеме да работиме ниту во подрачјата кои се контролирани од страна на ДЕАШ. Како што е познато, ДЕАШ во 2015 година притвори припадници на „Белите шлемови““, додаде Салих.
Салих истакна дека можат да служат само во зоните кои се под контрола на опозицијата во северниот дел на Сирија, во регионите ослободени во рамки на операциите „Штитот на Еуфрат“ и „Маслинова гранка“.
- Активности
Раид Салах нагласи дека, покрај активностите за пребарување и спасување во урнатините предизвикани од напади, тие вршат и активности како интервенција во пожари, решавање на проблемите во мрежата на електрична енергија и водоводот, како и чистење на градежни остатоци.
Тој информираше дека организираат и информативни програми околу прва помош, подигање на свеста кај народот околу остатоците од војната, и за тоа што треба да се направи за време на напад.
- Финансиски извори
Салих во разговор за АА се осврна и на финансиските извори на Цивилната одбрана.
„Ние прифаќаме помош и поддршка од сите кои сакаат да му помагаат на сирискиот народ. Од наша страна нема пречка околу тоа. Наш единствен услов е кога се врши оваа помош, да не ни вршат наметнување околу политички или воени прашања. Прифаќаме финансии кои се даваат за наша поддршка, сѐ додека тие се без услови и без наметнувања. Во овие рамки, добиваме финансии од бројни земји. Исто така, добиваме поддршка од народот и од хуманитарни организации. Имаме три главни финансиски извори, и тоа се земјите, хуманитарните организации и народните кампањи. Земјите кои ѝ даваат поддршка на Цивилната одбрана се Катар, Британија, САД, Холандија, Данска и Германија. Во овие денови сме во фаза на потпишување (на договор) со Франција. Покрај добивање директна поддршка од некоја земја, добиваме поддршка и од институции (на тие земји). Турската Црвена полумесечина и Хуманитарната фондација ИХХ ни дадоа поддршка“, рече Салих.
- Тврдења околу Белите шлемови
„Ние не можеме да вршиме напад со хемиски оружја или со хлорен гас. Во Сирија се знае кој користи хлорен гас и хемиски оружја. Постојат отворени извештаи околу тоа. Кој поседува хлорни барели? Режимот поседува. Силите на режимот користат барелни бомби во земјата. Кој го користи гасот сарин? Се разбира дека режимот. Гасот сарин во Сирија единствено го има режимот. Само силите на режимот можат да го транспортираат и да го користат“, истакна Салих околу тврдењата дека оваа организација, која трипати била номинирана за Нобеловата награда за мир, врши хемиски напади, и рече дека „нападите се извршени од страна на режимот“.
Салих нагласи дека Русија и Асадовиот режим вршат лажни обвинувања против „Белите шлемови“.
„Се разбира дека постојат некои причини за тоа. Бидејќи ние сме првите сведоци на сите извршени масакри и прекршувања на правата во Сирија. Затоа, Русија прави сѐ што може за да го покаже сирискиот режим како невин“, рече тој.
„Во ниту еден случај не прифаќаме финансиска поддршка од Израел. Ние Израел го сметаме за окупаторска земја. Евакуацијата на нашите доброволни работници не беше извршена преку Израел. Тие (со посредство на ОН) преку окупираната Голанска Висорамнина ќе преминат во Јордан, а потоа во другите земји“, рече тој во врска со тврдењата дека Израел е еден од финансиерите, и дека „Белите шлемови“ преку Израел преминуваат во Европа.
- Предизвици со кои се соочуваат
Салих истакна дека најголемиот предизвик со кој се соочуваат, се интервенциите кои ги вршат по хемиските напади.
„Бидејќи немаме доволно опрема за да интервенираме по овие напади“, рече тој, додавајќи дека се вознемирени од обвинувањата на режимот и на Русија против нив, особено околу хемиските оружја.
За време на операциите за пребарување и спасување, рече Салих, биле директна цел на воените авиони на Русија и на сирискиот режим.
Според него, некои нивни центри биле повеќепати погодени, а вкупно 255 доброволци од нивната екипа го загубиле својот живот.
- Успеси
Салих нагласи дека во една анкета која ја реализирале минатата година во подрачјата во кои вршат активности, во која на испитаниците им го поставувале следното прашање „Кој ви помага во случај на потреба?“, испитаниците одговарале „Цивилната одбрана“.
„Искрено, ова е голем успех за нас. Ова го кажав и на едно друго место; нашиот есенцијален успех не е она што им го спасивме животот на 115.000 цивили, туку нашиот вистински успех е тоа што повторно успеавме да засадиме надеж во срцата и умот на еден народ кој е на пат на губење на надежта во една воена ситуација“, додаде во изјава за АА Раид Салах, претседателот на Цивилната одбрана во Сирија („Белите шлемови“).