Ahmet Gürhan Kartal
12 Ноември 2019•Ажурирај: 13 Ноември 2019
ЛОНДОН (АА) - Висок британски парламентарец изјави дека е длабоко загрижен поради смртта на поранешниот разузнавач во Истанбул, пренесува Anadolu Agency (AA).
Изјавата на Том Тугендах, претседател на Комитетот за надворешни работи при Долниот дом на британскиот Парламент, доаѓа еден ден откако поранешниот службеник на МИ6, Џејмс Ле Мезурие, беше пронајден мртов во истанбулскиот кварт Бејоглу.
„Неговата херојска работа на полето на бранењето на човековите права во Сирија, за жал, му создаде многу непријатели, а руските власти честопати го обвинуваа за поврзаност со терористички организации“, објави британскиот дневен весник „Фајненшал тајмс“ (Financial Times), цитирајќи го Тугендах.
Тој додаде дека официјални претставници на Велика Британија треба да бидат дел од истрагата.
Ле Мезурие беше и основач на сириската агенција за цивилна заштита „Бели шлемови“.
Русија долго време ги обвинува „Белите шлемови“ дека се проект на западните разузнавачки служби за поткопување на режимот на рускиот сојузник Башар ал Асад во Сирија, пишува „Фајненшал тајмс“.
„Разузнавачките служби предупредуваа за постојаните руски клевети кон Ле Мезурие поради неговата поддршка за групата за спасување“, објави „Телеграф“ (Telegraf).
Цитирајќи неименуван сириски експерт, весникот објави дека Ле Мезурие поради тоа се соочувал со „незамислив притисок и таргетирање“.
Телото на Ле Мезурие беше пронајдено во истанбулскиот кварт Бејоглу во раните утрински часови вчера, од страна на минувачите, кои оделе кон џамија за утринската молитва.
Полицијата и итната медицинска помош пристигнале на местото на настанот набргу откако го добиле повикот, и првично кај него, за кого подоцна било утврдено дека е Ле Мезурие, не нашле ништо со што би можеле да го идентификуваат.
Додека полицијата се сомнева дека причината за смртта е падот од височина, истрагата е сè уште во тек.
Сопругата на Ле Мезурие во својата изјава рече дека нејзиниот сопруг неодамна почнал да зема апчиња за спиење и психијатриски лекови поради нарушување поврзано со стрес, и дека инцидентот се случил рано наутро додека таа спиела.