Hasan Esen
25 Октомври 2016•Ажурирај: 26 Октомври 2016
БРИСЕЛ (АА) - Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг соопшти дека по обидот за државен удар во Турција, извршена е замена на воениот персонал кој е на должност во командата на НАТО, но додал дека Турција има капацитет да обезбеди персонал за потребите на НАТО, јавува Anadolu Agency (AA).
Генералниот секретар Столтенберг, по повод утрешната средба на министрите за одбрана на НАТО, денеска одржа прес-конференција. Во рамките на претходно донесените одлуки, Столтенберг соопшти дека во источното крило, во почетокот на 2017 година ќе бидат поставени 4 мутинационални баталјони на алијансата. Тој истакна дека целта на овие баталјони не е предизвикување судири, туку напротив, спречување на можни судири.
- Против ДЕАШ, на 20 октомври полета првиот АВАКС на НАТО
Столтенберг изјави дека на состанокот ќе стане збор и за зголемување на застапеноста на НАТО во подрачјето на Црното Море, додавајќи дека алијансата планира да ја забрза борбата против ДЕАШ. Тој потсети дека стотици војници на Ирак се обучуваат во Јордан.
„Во претстојните месеци ќе ја зголемиме поддршката за Ирак. Сите сојузници на НАТО во рамките на меѓународната коалиција војуваат против ДЕАШ. Сега НАТО преку својот авион за воздушна контрола и предупредување (АВАКС) им ја обезбедува потребната поддршка. Со тоа се зголемува воздушната контрола на коалицијата и небото станува побезбедно. Можам да потврдам дека со цел да им се даде поддршка на коалициските сили, на 20 октомври полетаа првите АВАКС авиони на НАТО“, соопшти Столтенберг.
Генералниот секретар Столтенберг истакна дека на утрешната средба ќе стане збор и за понатамошната контрола на Егејското Море насочена кон бегалците и за мисијата на НАТО на Средниот Исток.
- „Руските бродови во заливот Ламанш можат да се користат за напади во Сирија“
Генералниот секретар на НАТО, на прашањето за минувањето на руските бродови низ Ламанш, одговори дека Русија има право да ги користи меѓународните води: „Но овојпат станува збор за поинакви бородови, бродови со кои постои можност да се зголеми капацитетот на воените операции на Русија во Сирија. Тоа создава сомнеж за дадениот збор на Русија за политичко разрешување на проблемот во Сирија“.
Столтенберг рече дека тоа ќе предизвика зголемување на бројот на руските воздушни напади врз Алепо и зголемување на страдањата на луѓето во градот, и од Москва побара да даде свој придонес во политичкото решавање на кризата. „Загрижувачки е фактот што постои можност овие воени бродови да бидат користени за поголем број руски воздушни напади врз цивилите во Алепо“, процени Столтенберг.
- Турскиот воен персонал во НАТО -
Генералниот секретар на НАТО Столтенберг, одговарајќи на едно друго прашање рече дека кон крајот на август ја посетил Турција и додаде дека повторно ќе замине во посета на Турција кон крајот на ноември.
Тој потсети дека при посетата на Турција се сретнал со претседателот Реџеп Таип Ердоган. „Се подразбира дека Турција го има правото на судење на учесниците по неуспешниот обид за државен удар. Битно е тоа да се прави во правни рамки“, рече Столтенберг. Генералниот секретар на НАТО рече дека ја поздравува соработката на Турција и Советот на Европа по ова прашање.
Во врска со обидот за државен удар во Турција, Столтенберг изјави: „По обидот за државен удар во Турција, извршена е замена на воениот персонал кој е на должност во командата на НАТО. Сигурен сум дека Турција ќе продолжи да обезбедува свој персонал за командата на НАТО. По тоа прашање, имаме близок дијалог со Турција“. Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, рече дека овие прашања ќе бидат дел од средбите при посетата на Турција.