Arife Yıldız Ünal
14 Јули 2018•Ажурирај: 15 Јули 2018
АНКАРА (АА) - АРИФЕ ЈИЛДИЗ УНАЛ - Генералниот директор на турската авиокомпанија „Туркиш ерлајнс“ (Turkish Airlines THY), Билал Екши, за АА потврди дека оваа компанија на 31 октомври преминува на третиот аеродром во Истанбул, за кога е предвидено да го изврши првиот лет, јавува Anadolu Agency (AA)
Екши, во разговор со новинарот на АА потсети дека на 29 октомври оваа година ќе биде свечено отворена првата етапа на третиот истанбулски аеродром и дека „Туркиш ерлајнс“, преминот на новиот аеродром ќе го направи на 31 октомври. Како што рече тој, транспортот ќе започне во 2:00 часот по полноќ и ќе трае 12 часа.
Тој додаде дека турската авиокомпанија првиот лет од новиот аеродром ќе го изврши на 31 октомври во 2:00 часот.

„Со нетрпение го очекуваме новиот аеродром. Се работи за проект кој го потврдува успехот на Турција кога е во прашање глобалното воздухопловство. Фирмата која ги извршува работите, деноноќно работи за сè да биде подготвено за 29 октомври. Продолжуваме да ги правиме тестовите“, изјави Екши.
Тој откри дека планот бил првиот лет во земјата од третиот истанбулски аеродром да биде кон Анкара, а првите авиони кон странство да летаат кон Азербејџан и Турската Република Северен Кипар. Екши додаде дека „Туркиш ерлајнс“, чие седиште е во Истанбул, во наредниот период ќе вработи голем број работници.
„Компанијата Turkish Ground Services ќе вработи 1.600 работници. Компанијата Turkish Airlines ќе вработи 3.000 работници. Тоа е, секако, можност за младите луѓе кои бараат работа. Нашата цел е со младите да го подигнеме нашето воздухопловство на уште повисоко ниво“, изјави Екши.
Тој нагласи дека карго-марката на авиокомпанијата, „Туркиш карго“ (Turksh Cargo), во септември оваа година ќе формира заедничка компанија со фирмите ZTO од Кина и PAL Air од Хонг Конг.
„Според целите зацртани за 2023 година, оваа година ни пристигнуваат уште 14 нови авиони, меѓу кои 4 транспортни. Во 2019 година ќе имаме уште 41 авион на новата генерација“, изјави Екши.
Според зборовите на генералниот директор, „Туркиш ерлајнс“, бројот на патниците во првата половина на оваа година го зголеми за 17 отсто. Екши, исто така изјави дека авиокомпанијата за 2018 година очекувала дека бројот на превезените патници ќе биде 74 милиони, но досегашните параметри покажуваат дека тој, сепак, ќе премине 75 милиони.
Третиот аеродром во Истанбул ќе има годишен капацитет од 90 милиони патници.