Ekipa
01 Август 2016•Ажурирај: 02 Август 2016
АНКАРА (АА) - Вицепремиерот на Турција, Нуман Куртулмуш, денес во Анкара изјави дека одлучноста и храброста што Турција ги покажа во ноќта на 15 јули, ќе продолжат и во иднина, јавува Anadolu Agency (AA).
„Сакам да кажам отворено: она што го посакуваа членовите на четата ФЕТО и мозоците зад нив во обидот за државен удар, не се случи и нема да се случи, а со Божја помош ќе се случи и се случува токму спротивното”, изјави Куртулмуш.
Според неговите зборови, Турција по секоја цена ќе ја продолжи одлучната борба против терористичките организации.
„Сакам уште еднаш да нагласам дека ќе је продолжиме одлучната борба против тероризмот и терористичките организации во сите делови на Турција. Некои поединци мислат дека оваа ситуација што настана по 15 јули во борбата против тероризмот на Турција ќе успори. Токму спротивното, по секоја цена ќе ја продолжиме одлучната борба против сепаратистичките организации и против сите терористички организации”, порача вицепремиерот.
Тој потсети дека турскиот премиер Бинали Јилдирим ќе се состане со претседателите на опозициската Републиканската народна партија (ЦХП) и на Партијата на националното движење (МХП), нарекувајќи го тоа знак на одлучност и намери позитивно да се одржи атмосферата во политиката и додаде дека со опозициските лидери ќе разговара за декретот, како и за неговиот дел во кој се зборува за реформата внатре, во структурата на Турските вооружени сили (ТСК).
Зборувајќи по состанокот на Кабинетот во Анкара, Куртулмуш изјави дека во тек се реформите на војската за создавање на повеќе специјализирана војска „чијашто единствена цел ќе биде да ја заштити земјата”. Според регрутацијата, турската војска е втора по големина сила на НАТО.
Според веб-сајтот на „Глобална огнена моќ“ (Global Firepower), турската војска е осма по ред најмоќна војска во светот, со повеќе од 596.000 персонал. Анкара веќе презема чекори за подобрување на цивилната контрола над војската по неуспешниот државен удар – зголемувајќи го бројот на министрите на Врховниот воен совет и со зајакнување на врските меѓу Владата и воените команданти.
При обидот за државен удар се покажа дека регрути, кои служеле максимум 12 месеци во униформа, беа распоредени на улиците на Истанбул и Анкара, заедно со повеќе искусни припадници на војската. Повеќе од 10.000 воени лица беа уапсени при обидот за соборување на Владата.
Тие се осомничени дека се поврзани со терористичката организација ФЕТО/ПДЈ, предводена од Фетулах Ѓулен, за кого Владата вели дека е виновен за обидот за државен удар. Турција побара испорачување на Ѓулен од Пенсилванија за тој да се соочи со судењето.
Куртулмуш ги повика САД да го почитуваат „пријателството и сојузот” со Турција со неговото испорачување.
На неделната прес-конференција, Куртулмуш исто така упати критики до германските двојни стандарди, поради забраната на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган да се обрати на собирот во Келн, прославата на поразот на државниот удар, додека судските процеси против осомничени неонацистички убијци се одолговлекле од мај 2013 година.
„Процесите за НСУ (Национал- социјалистичко подземје) траат со години, изјави тој. Овие судења секогаш ќе бидат продолжени и нема да се донесе одлука. Меѓутоа, за планираниот говор на нашиот претседател беше донесена одлука за помалку од 24 часа и тој беше забранет. Браво за германската правда. Ова е очигледно двоен стандард”.
Се верува дека НСУ стои зад убиството на 10-те лица, вклучувајќи осум турски мигранти, во периодот од 2000 до 2007 година.