Diyar Güldoğan
16 Октомври 2018•Ажурирај: 17 Октомври 2018
АНКАРА (АА) - Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денес изјави дека Турција нема да дозволи поларизацијата, фракциите и нелегалните групи да дејствуваат во институциите во земјата, вклучувајќи го и судството, јавува Anadolu Agency (AA).
Зборувајќи на церемонијата на назначувањето судии и обвинители во Конгресниот центар „Бештепе“ во Анкара, Ердоган изјави:
„Турција продолжува да ги отстранува екстензиите на терористичката организација ФЕТО во институциите, вклучувајќи го и судството.“
ФЕТО и нејзиниот водач Фетула Ѓулен стојат зад неуспешниот обид за пуч на 15 јули 2016 година во Турција, во кој загинаа 251 лице, а беа ранети речиси 2.200.
Терористичката организација ФЕТО стои и зад долгогодишната кампања за рушење на државниот поредок преку инфилтрирање во турските институции, особено во војската, полицијата и правосудството.
Ердоган изјави дека на Турција ѝ се потребни судии, обвинители и судски персонал кои ќе ги извршуваат нивните должности во рамките на законот.
Тој, исто така го критикуваше и неодамнешниот неправеден став на властите на САД против Турција, велејќи:
„Оваа земја не само што ги штити водачот и припадниците на терористичката организација ФЕТО, чии раце се извалкани со крвта на нашата нација, туку исто така ги зајакнува и другите терористички организации долж нашата граница.“
Турција долго време укажува на бавните чекори на САД во врска со одговорот на барањето за испорачување на Фетула Ѓулен.