Hamdi Çelikbaş
20 Март 2018•Ажурирај: 20 Март 2018
АНКАРА (АА) - Заменик-премиерот и портпарол на Владата на Република Турција, Бекир Боздаг, утринава изјави дека Турција извршила успешна воена операција и од терористите го ослободила сириското погранично подрачје на Африн, без нанесување штета на цивилите и без рушење населби, јавува Anadolu Agency (AA).
Портпаролката на американскиот Стејт Департмент, Хитер Нојерт, синоќа ја критикуваше воената операција „Маслинова гранка“ што ја извршија турските сили и Слободната војска на Сирија, во која го ослободија регионот Африн од терористите на ЈПГ/ПКК-ДЕАШ, а утринава на таа изјава остро реагираше портпаролот на турската Влада, Боздаг, кој порача дека САД не ги сфатиле или не сакаат да ги сфатат причините, природата и целите поради кои Турција ја извршила таа операција.
„Турската антитерористичка операција во Африн не беше против цивилите, ниту против Курдите, туку против терористичките организации во тој регион. Цивилите не страдаа во операцијата и за време на операцијата не им е блокирана доставата на вода, лекови, храна и други средства“, порача Боздаг.
Боздаг, исто така, ги негираше наводите од Стејт Департментот за наводното лошо влијание на операцијата „Маслинова гранка“ во борбата против терористичката организација ДЕАШ во Сирија и додаде дека таквите тврдења се неосновани и неточни.
Операцијата во Африн започна на 20 јануари во согласност со турското право, засновано на меѓународното право и на резолуциите на Обединетите нации (ОН), особено на оние што се однесуваат на борбата против тероризмот: 1624 (2005), 2170 (2014) и 2178 (2014).
Турција се повикува и на членот 51 од Договорот на ОН, односно на правото на самоодбрана. Операцијата се спроведува со целосно почитување на територијалниот интегритет на Сирија.
Силите лојални на режимот на сирискиот претседател Башар ал Асад, во јули 2012 година, без борба, на терористите од ПЈД/ПКК им ја препуштија контролата врз Африн, по што овој град стана еден од главните центри на терористичката организација.
ПЈД/ПКК е сириски огранок на терористичката организација ПКК, која се наоѓа на листата терористички организации во Турција, САД и во Европската Унија (ЕУ). ПКК, уште од средината на 1980-тите години, води терористичка кампања против Турција.