ИСТАНБУЛ (АА) – СЕМРА ОРКАН –
Хатиџе Џенгиз, свршеницата на саудискиот новинар и колумнист на „Вашингтон пост“ (The Washington Post), Џамал Кашоги, за кого се губи секаква трага од неговото влегување во Конзулатот на Саудиска Арабија во Истанбул, во петокот на 2 октомври во интервју за Anadolu Agency (AA) истакна дека реакциите по исчезнувањето на Кашоги покажуваат дека за овој случај се врзани многу сомнителни околности.
Свршеницата на Кашоги, Џенгиз, е државјанка на Турција и таа е лицето кое на 2 октомври последна го виде Кашоги, пред неговиот влез во саудискиот Конзулат во Истанбул, од кога му се губи секоја трага. По тој повод, Џенгиз одговараше на прашањата на новинарот на АА.
Истакна дека Кашоги во текот на втората посета на саудискиот Конзулат не бил посебно загрижен и неодлучен, со оглед на тоа што неговата прва посета на Конзулатот на 28 септември поминала многу позитивно.
„Беше многу среќен и задоволен по првата посета. Кога го прашав како поминал, ми рече: ’Разговорот беше крајно позитивен. Ме примија многу добро. Беа дури изненадени од моето доаѓање, ми приоѓаа и ме поздравуваа.‘ Не му рекле ништо негативно околу документот кој му бил потребен, туку дека ќе му помогнат. Мислам дека поради атмосферата која била присутна при првото заминување не бил посебно загрижен во текот на втората посета. Во кој било случај, да знаев дека нешто го загрижува, не би дозволила да оди. На крајот на краиштата, тој самиот многу подобро можеше да оцени каква е атмосферата внатре“, истакна Џенгиз.
Додаде дека еднаш го прашала кому треба да му се обрати во случај на настанување на некаков проблем во врска со неговите политички ставови кон неговата земја, или за каков било друг неочекуван проблем, на што тој ѝ одговорил дека Јасин Актај е негов добар пријател во Турција и дека него може да го повика.
„Освен тоа, знаев дека Туран Кислакчи е негов близок пријател. По тој повод него го повикав, но тој не ми нагласи посебно дека морам да го повикам и Кислакчи“, рече Џенгиз.
Нагласи дека Кашоги првпат го посетил Конзулатот во петок на 28 септември и дека причина за неговата посета е земање потврда за слободна брачна состојба и уште еден документ кој бил потребен за венчавката.
„Истиот ден, Џемал го извести Конзулатот дека мора да отпатува во Лондон и дека од Лондон повторно ќе се врати во вторник, на 1 октомври, и дека повторно ќе дојде во Конзулатот. И во текот на првата и во текот на втората посета, не влегував во Конзулатот, бидејќи не дозволуваат влез на оние што се во придружба. Нам тоа ни беше кажано и на влезот, поради тоа во двата случаја чекав надвор. Веројатно првиот пат му кажаа дека потребните документи ќе бидат готови до второто доаѓање. Кога го прашав ’дали одиме да ги земеме документите‘, рече ’говореа позитивно, веројатно ќе ги добиеме‘“, рече Џенгиз.
На прашањето на новинарот како таа реагирала откако Кашоги не се појавил, одговори: „Ме обзеде страв кој никогаш во животот не сум го почувствувала. Светот се сврте околу мене, бев загрижена, не знаев што да правам. Му пратив порака на најблискиот пријател и му реков да дојде. Потоа потрчав кон оградата и го прашав обезбедувањето дали господин Џамал излезе. Ме погледна збунето, рече дека не знае кој е господин Џамал и дека во Конзултатот нема никој“, истакна Џенгиз.
Рече дека потоа телефонирала во Конзулатот и кажала дека на излезот го чека господин Џамал, кој влегол во зградата околу 13:00 часот и потоа не излегол.
„Службеникот со кого разговарав потоа, излезе не влезот и рече дека ги проверил сите простории во Конзулатот, дека внатре нема никој и дека нема потреба никого да чекам. Бев шокирана, го повикав Јасин Актај и веднаш му раскажав за сѐ што се случи. По разговорот го повикав и Туран Кислакчи, по што е информирана и полицијата, а веста бргу се прошири и во медиумите“, изјави Џенгиз.
На прашањето зошто нејзиниот свршеник одлучил таа потврда да ја бара во Конзулатот во Истанбул, а не во Соединетите Американски Држави (САД), односно дали посебно го избрал Истанбул, Џенгиз рече дека конректно тоа не го прашала, но додаде дека планирале да се венчаат во Турција и дека било неопходно таа потврда да ја издаде саудискиот Конзулат во Истанбул.
Со оглед на тоа што од моментот кога влегол во Конзулатот на 2 октомври за Кашоги се губи секаква трага и дека во врска со неговата судбина се шпекулира за секакви сценарија, Џенгиз е прашана што, според неа, му се случило на нејзиниот свршеник и како гледа на целокупната ситуација.
„Се зборува за различни можности. Како и сите, и јас следам сѐ од медиумите. Информацијата дека влегол во Конзулатот е сигурна, бидејќи јас со свои очи сведочев на неговото влегување. Во меѓувреме се појави и снимка од неговото влегување во Конзулатот, што е и многу силен доказ за оние кои тврдеа дека никако не ни влегол во зградата на Конзулатот. Сега е потребно другата страна да ги изнесе доказите, бидејќи таа тврди дека влегол во Конзулатот и дека набргу потоа го напуштил“, порача Џенгиз, и додаде:
„Рекоа дека камерите внатре не работеле. А каде тоа во светот има конзулат во кој камерите не работат? Освен тоа, ние тука зборуваме за една сериозна држава како што е Саудиска Арабија. Информацијата за тоа дека камерите не работат ја споделија дури неколку дена по овој настан.“
Џенгиз истакна и дека низ Саудиска Арабија против неа е покрената пропаганда.
„Изјавите кои доаѓаат од Саудиска Арабија не ги сметам за задоволителни, ниту уверливи. Низ Саудиска Арабија моментално се врши една пропаганда против мене. Тоа е сосема тажно. Сите тие рефлекси кои се појавуваат, покажуваат дека во овој случај има многу сомнителни околности“, смета Џенгиз, и додаде:
„Во 21 век во нашата земја дојде до претходно невиден случај. Ова е многу критичен процес и од аспект на нашата земја. Медиумите не се толку внимателни колку што е внимателна Владата. Неколку новинари се повикаа на неофицијални информации и објавија дека тој (Џамал) веќе не е жив. Во светот првин отиде информацијата дека е мртов, а потоа е објавено дека таа информација не е проверена. Ваквите вести ги погодуваат блиските.“
На прашањето на новинарот за тоа ако целта била Кашоги да се замолчи поради неговото критичко пишување против саудискиот режим, зошто за неговата „одмазда“ е избран токму Конзулатот во Истанбул, Џенгиз вели дека не верува дека Конзулатот е свесно избран како место.
„За некого кој дошол со своите нозе, освен тоа, за некого кој ги критикува, можно е да сакале тоа да го искористат како шанса. Мислам дека некому во моментот му дошло како идеја. Набргу потоа како тоа да го спровеле на дело. Мислам дека ова може да произведе голема криза која во политичка смисла може да ја наруши безбедноста. Сигурна сум во тоа дека државата ќе ги преземе сите дипломатски и политички чекори за да се расветли овој случај“, рече Џенгиз.
news_share_descriptionsubscription_contact
