Ahmed Asmar
09 Април 2024•Ажурирај: 11 Април 2024
ИСТАНБУЛ (АА) - Новоименуваниот палестински премиер Мухамед Мустафа денес одржа разговори со саудискиот министер за надворешни работи, принцот Фајсал бин Фархан, за смртоносната офанзива на Израел во Појасот Газа, пренесува Анадолу.
Состанокот одржан во градот Мека ја одбележа првата посета на палестинскиот премиер на кралството богато со нафта откако ја презеде функцијата минатиот месец.
Двете страни разговараа за напорите за постигнување итен прекин на огнот во Газа и зголемување на дотокот на хуманитарна помош на територијата под опсада, објави саудиската државна новинска агенција СПА.
Нова рунда индиректни преговори меѓу Хамас и Израел за постигнување договор за размена на затвореници и прекин на огнот во Газа започна во неделата во Египет.
Израел спроведува смртоносна воена офанзива на палестинската територија по прекуграничниот напад на Хамас на 7 октомври во кој загинаа речиси 1.200 лица.
Во израелските напади, кои оттогаш започнаа врз Појасот Газа загинаа над 33.200 Палестинци, а речиси 76.000 се повредени, се предизвика масовно уништување и недостиг на неопходни средства за живот.
Израелската војна, која трае веќе 186 дена, принуди 85 отсто од населението на Газа внатрешно да се раселат, предизвика акутен недостиг на храна, чиста вода и лекови, а 60 отсто од инфраструктурата на енклавата се оштетени или уништени, покажуваат податоците на Обединетите нации.
Израел е обвинет за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата (МСП), кој во јануари донесе привремена одлука со која му нареди на Тел Авив да ги запре геноцидните акти и да преземе мерки за да се гарантира дека хуманитарната помош ќе стигне до цивилите во Газа.