Kristina Maslareviç
14 Јули 2016•Ажурирај: 16 Јули 2016
БЕЛГРАД (АА) - Министерот за надворешни работи во техничкиот мандат на Владата на Србија, Ивица Дачиќ изјави дека светот, а со тоа и ЕУ и регионот на Западен Балкан, кој има многу важна, ако не и клучна улога за безбедноста на ЕУ, во денешно време поминува низ големи искушенија и многубројни предизвици, јавува Anadolu Agency (AA).
Дачиќ се обрати на воведниот панел на конференцијата „Глобална стратегија за надворешна и безбедносна политика на ЕУ и Западен Балкан“, којашто се одржува во Белград.
„Доколку споменеме само некои, тоа се мигрантската криза, тероризмот, радикализмот, верскиот фанатизам, диверзификацијата на енергетското снабдување, климатските промени итн.“, додаде Дачиќ.
Тој изјави дека Србија досега се покажа како кредибилен и верен партнер на ЕУ, пред сѐ во зачувувањето на стабилноста на Западниот Балкан, но и во процесот на ублажување на мигрантската криза.
Потсетувајќи дека Србија уште од потпишувањето на Договорот за стабилизација и придружување со ЕУ во 2008 година, започна процес на усогласување со заедничката надворешна безбедносна политика, Дачиќ рече: „При донесувањето на одлуката, Србија во континуитет имаше цврст став, а тоа е дека во оваа фаза на пристапниот процес не сме во можност да ги поддржиме токму сите одлуки на ЕУ. Во одредени случаи, почитувајќи ги своите национални интереси. По прашањето за зачувување на територијалниот интегритет и потребата за задржување на традиционално добри односи и со другите партнери, пред сѐ, Русија и Кина, во некои ситуации не го следевме ставот на ЕУ“.
Како што наведе Дачиќ, стратешкото определување на Србија на надворешно-политички план е полноправно членство во ЕУ и додаде дека „за жал, мора да се констатира дека овој процес не се одвивал секогаш со жива динамика и дека во претходните две и пол години се отворени само две преговарачки поглавја“.
„Нѐ охрабрува тоа што на 18. јули оваа година ќе го продолжиме процесот на преговори, со отворање на две клучни реформски и политички поглавја, 23 и 24. Ќе продолжиме да работиме посветено за да ја оствариме својата цел, а тоа е до крајот на годината да дојде до отворање и на другите преговарачки поглавја, кои веќе се подготвени за отворање”, рече Дачиќ.
Тој истакна дека за Србија е многу важна пораката што ЕУ ја испрати во глобалната стратегија кога станува збор за регионот на Западниот Балкан, дека кредибилната политика на проширување претставува стратешко вложување во безбедноста и во просперитетот на Европа и дека и понатаму ќе биде заснована на јасен и фер процес на придружување.
„Регионот на Западен Балкан и ЕУ делат исти предизвици, кои бараат заеднички одговор на сите заинтересирани партнери. Би сакал да истакнам дека како и земјите-членки на ЕУ, и Србија тежи кон изградбта на општество во кое најзначајните вредности претставуваат плурализмот, солидарноста, борбата против дискриминација, владеењето на правото и јакнењето на демократските институции како гаранција за унапредување на сите овие вредности”, додаде Дачиќ.
Известувачот на Европскиот парламент за Србија, Дејвид Меккалистер изјави дека Србија, со оглед на тоа што е кандидат за пристап кон ЕУ, се обврзува да ги следи правилата и да воведе санкции, каде што се неопходни и тогаш кога се неопходни.
„Мораме да бидеме јасни по прашањето на руската агресија во Украина, тоа не смее да се толерира. Од друга страна, мора да се земат предвид традиционалните историски и економски врски со Русија, кои можат да бидат и мост за дијалог, бидејќи никој не е заинтересиран за долгорочна конфронтација со Русија. Дотогаш, мораме да покажеме одговор, санкции, на руското менување на границите во Европа”, изјави Меккалистер.
Како што додаде тој, и покрај Брегзит, сите шест држави во регионот на Западен Балкан имаат јасна европска перспектива. Конференијата ја организираше Фондот ИСАЦ (Центар за меѓународни и безбедносни прашања - ISAC), со донацијата на Фондацијата за отворено општество, Министерството на надворешни работи на Шведска, амбасадата на Германија, две германски Фондации и амбасадата на Холандија.