СКОПЈЕ (АА) - Адмир Фазлагиќ
Бисера Чадловска е единствената жена-диригент во Република Македонија. Но, тоа не е единствената причина поради која што таа е препознатлива. Нејзината богата 15-годишна кариера, мјузиклот Чикаго, кој што е првиот лиценцирано изведен мјузикл во земјава, како и многубројните претстави одиграни под нејзината диригентеска палка се дел од нештата кои со право ѝ го даваат епитетот “уникатна”.
Во почетокот на разговорот за АА, Чадловска се присети на своите почетоци, откривајќи дека уште од својот прв роденден го започнува дружењето со музиката, за која вели дека е нејзиниот живот.
„Се занимавам со музика од многу мала. За мојот прв роденден имам добиено пијано од моите баба и дедо и така почна моето дружење со музиката, од своите пет години сум во нижото музичко училиште, меѓутоа не со желба да станам пијанист, туку понатаму се разви желба кај мене да бидам диригент”, раскажува диригентката Чадловска, истакнувајќи дека оваа професија отсекогаш ја фасцинирала, поради што, по завршувањето на средното музичко училиште немала дилеми во однос на продолжување на своето образование.
Така, Чадловска се запишува во класата по диригирање на Факултетот за музичка уметност во Скопје и како што вели, оттаму започна сè. Кога се во прашање диригентите и нивниот карактер, обично ги опишуваат како луѓе кои што имаат голема концентрација, а природата на нивната работа е таква што смиреноста и самоконтролата се предуслов за успешно завршување на истата.
„Точно е дека сме луѓе коишто имаме поголема концентрација, со самото тоа што треба да се издржи една долга претстава, која што трае 2,3 некогаш 4 часа тоа самото по себе си бара многу концентрација и многу трпение, бара голема самоконтрола, високо ниво на толеранција, многу смиреност, но во дадени ситуации тоа е невозможно”, вели Чадловска зборувајќи за диригентската професија, при тоа изразувајќи го своето задоволство, бидејќи го работи она што највеќе го сака. Меѓу другото таа надопонува и дека диригентот е тој кој го дава печатот на делото.
„Прекрасно е да се биде диригент. Прекрасна е професијата, за мене нема поубава. Сите овие карактеристики што ги набројав се дел од нашето секојдневие, има денови и кога не се, меѓутоа, работата е навистина преубава”. Епитетот единствена жена диригент во Македонија ѝ годи, но вели дека тоа не е нешто што таа го планирала, но се надева дека можеби за некого го отворила патот за во иднина.
„Тоа е нешто што јас не планирав дека така ќе биде кога јас станував диригент, кога се запишав на факултет, не знаев дека ќе останам сама бидејќи имав и колешки кои пред мене имаа дипломирано диригирање, некои се отселија, некои не се занимаваат со таа работа, меѓутоа, не знаев дека така ќе биде, се надевам што можеби за некого го отворив патот за понатаму”, смета единствената жена-диригент во Макеоднија, Бисера Чадловска, која за својот живот ќе рече дека е сосема нормален, семеен, иако диригентите се сметаат за необични луѓе.
„Мојот живот е многу нормален, иако диригентите во светот ги бие глас дека се необични луѓе, дека се склони кон пороци и сè останато. Јас никогаш не сум била тоа. Мојот живот е сосема нормален, семеен живот.” Диригенството не е само професија, туку и начин на живот, вели Чадловска, откривајќи ги деталите од секојдневието на еден диригент.

- Ноќе ја сонувам музиката која што во моментот ја работам -
„Подготовките на еден диригент не завршуваат во театарот односно додека е на работно место, секогаш дома има уште повеќе работа која треба да се заврши. Секогаш, пред да дојдеме на пробите на некоја претстава ние треба самите да се подготвиме дома, односно, партитурата да ја научиме многу добро, за да можеме да ја пренесеме на ансанблот којшто е пред нас, така што нашата работа не завршува тука, продолжува... Ние живееме со таа партитура што во моментот се работи, да не речам и сме опседнати од неа, Јас на пример конкретно, ноќе ја сонувам музиката која што во моментот ја работам. Тоа е професија од која што човек не може да се исклучи од кога ќе си дојде дома, не можеш да се спасиш од нејзе, таа те прогонува, но интересно е, јас не би можела да живеам поинаку”, раскажува Чадловска.
Зборувајќи за одредени моменти во кариерата, наведува дека ја привлекуваат комплицираните нешта, кои се предизвик во кариерата да се надмине себе си и да отиде најмалку скалило погоре, но како што вели таа, за тоа е потребна голема посветеност и пожртвуваност.
„Поинтересни ми се комплицираните работи. Едноставните работи, едноставно не не ме привлекуваат не ми се предизвик. Можеби затоа и мојата кариера тргна во тој правец, што јас многу често упаѓав во претстави кои што ги немав диригирано, за многу кратко време. Кога се случуваа работи како откажување на диригент или било какви случувања што се нормални во нашата работа, јас секогаш се нафаќав, не морав, но ми беше предизвик да совладам нешто за кратко време”, вели Чадловска.
Во богатиот репертоар на македонската диригентка Бисера Чадловска се наоѓаат дел од најпознатите и најкомплексни дела од оперската и балетска литература, од кои може да се издвојат оперите „Травијата", „Риголето", „Севилскиот бербер", „Кармен", „Волшебната флејта", „Лилјакот", „Кавалерија Рустикана", „Паљачи", „Моќта на судбината", „Свртување на штрафот", „Јованче и Марика", „Набуко", „Турандот", „Веселата вдовица", „Војвотката на чардашот", „Рита", кантатата "„Кармина бурана" како и балетите „Жизел", „Есмералда", „Шехерезада", „Дон Кихот", „Лебедово езеро" и „Рајмонда".
Вели дека не може да се опише задоволството да се соработува со ументиците кога ќе се најде на исто емотивно ниво и исто доживување на музиката, но и дека има претстави кои никогаш не се забораваат.
„Задоволството да се соработува со уметниците кога ќе се најдете на исто емотивно ниво и исто ја доживувате музиката се најсветлите моменти на еден уметник. Многу претстави поминале низ мојот репертоар. Секогаш кога ќе се сетам на некоја од нив, како на пример моето прво “Лебедово езеро”, мјузиклот “Чикаго” или “Мадам Батерфлај” којашто ми е многу емотивна, посебно сум врзана за таа претстава, првата травијата. Има некои претстави кои никогаш нема да ги заборавам” , потенцира Чадловска.
- Мјузиклот “Чикаго” - Прв лиценциран мјузикл во Макеоднија
Секако неизбежен дел од разговорот е мјузиклот „ Чикаго”, чиј диригент е токму Чадловска. „Чикаго" е првиот лиценциран мјузикл изведен во Македоднија.
„Тоа беше дамнешна идеја на режисерката на мјузиклот Наташа Поплавска која со години ми зборуваше за тоа, веројатно требаше да дојде вистинскиот момент да се склопат сите коцки и благодарејќи на нејзината упорност излезе тој мјузикл. Тој ги постави стандардите како понатаму би се изведувале мјузикли доколку би имало во оваа држава, што се надевам нема да застане тука. Еден тежок проект, многу емотивен, исцрпувачки, многу луѓе, театри, собрани на едно место, меѓутоа производот е навинстина врвен. После 13 изведени претстави сè уште е полна салата до последно место”, вели Чадловска не криејќи го задоволството од постигнатиот успех со овој мјузикл, надополнувајќи дека е добро изведен од секој аспект.
„Навистина е добро изведен од секоја гледна точка. Прво е музички многу добро изработен, второ на сцена е многу интересен за гледање потоа кореграфски, добра е екипата која што учествува во него, мислам дека уште долго би можела да живее оваа претстава” , додава Чадловска, објаснувајќи дека целта на овој мјузикл беше да се направи добар продукт кој воедно и претставува прилика да се истакнат сите што се вклучени во него.
Чадлoвска во разговорот се осврнува и на соработката со колегите диригенти од Балканот, забележувајќи дека соработката не е на завидно ниво, посебно во однос на гостувањата на македонските уметници во земјите од регионот.
„Македонската опера и балет соработува со Балканот, многу често доаѓааат кај нас на гостувања. Ние малку поретко морам да кажам, тоа отсекогаш било така, не знам зошто. Веројатно немаме концертни агенции, менаџерски агенции кои што условно кажано би можеле да нè продадат надвор од тука”, смета таа. Како едно од поубавите искуства Чадловска го наведува минатогодишното гостување во Сараево за кое вели дека било одлично.
„Моето последно гостување беше минатата година во Сараево во септември каде што го диригирав балетот „Дамата со камелии” и тоа за мене беше навистина едно убаво искуство.”
- Потребна е поголема застапеност на уметниците надвор од Макеоднија -
Чадловска смета дека уметниците не се застапени доволно надвор од Македонија, за што смета треба да се поработи повеќе.
„Во нашата држава досега барем ние сме неколкумина кои што се занимаваме со оваа работа, мислам дека не сме застапени доволно надвор од нашата држава. Можеби самите себе не си се почитуваме доволно, но мислам дека е битно нашите два оркестра кои што се единствени во Македонија, оркестарот на Македонската филхармонија и оркестарот на МОБ да соработуваат меѓусебно и барем во секоја сезона нашите диригенти да имаат можност да се претстават во едната и во другата куќа. Што се однесува до странство, ако сами немаме контакти, да излеземе немаме кој тоа да ни направи за нас да ни помогне”, вели Чадловска.
Наградите кои ги добиваат уметниците се само потврда за веќе направеното претходно што некој го препознал, обрнал внимание и кон тоа укажал почит. Сепак, тие се само мотив посмело и похрабро да се продолжи понатаму, кон патот на успехот. Овие денови диригентката Чадловска доби две награди, првата беше од Сојузот на композитори на Македонија, наградата “Ѓорѓи Божиков” за континуирана изведба на македонски дела на македонски композитори во 2015 година. Втората награда беше “Виртуози” за музичко сценски уметник на годината за 2105 година за големиот број на претстави кои што ги имаше диригентката Чадловска во текот на таа година.
„За мене тоа е голема чест, бидејќи тоа е соработка остварена со моите колеги композитори кои што ги познавам од порано, мои колеги од факултетот и ми значеше што го вреднуваат тоа што сум ги изведувала нивните дела. Втората награда беше “Виртуози” за музичко сценски уметник на годината за 2105 година за големиот број на претстави кои што ги имав во текот на таа година”, изјавува македонската диригентка, говорејќи за значајот на наградите кои ги доби после 15-годишно континуирано работење.
- Политиката и уметноста: Музичарите потценети, политичарите преценети -
Во однос на влијанието на политиката врз уметноста, изместувањето на вредностите во општествениот систем и улогата на уметниците во едно општество, Чадловска со јасен став - најдобри претставници се уметниците и спортистите.
„Јас имам мислење дека една држава во светот можат да ја претстават само уметниците, спортистите, не политичарите бидејќи мислам дека тие се преценети, а ние не доволно. Мислам дека уметноста е таа која што може да шири позитивен збор, убавина и позитивна мисла во светот”.
Според неа, улогата на културата во севкупниот развој на едно општество е голема, па од таму и потребата да се вложува во културата.
„Многу е важно да се вложува во културата од секогаш во нашата држава културата била на меѓу последните места. Не знам колку време ќе треба тоа да се промени, долго време се наоѓаме во некоја транзиција. Сè сме во некоја транзиција. Од кога памeтам за себе сè сме во некоја транзиција и не можеме доволно да ѝ се посветиме на културата, мислам дека тоа е огромна грешка, треба да се вложува во уметиците за тие да можат достојно да си ја претсават државата”, смета Чадловска.
Ниту една бариера не треба да биде поголема од желбата за успех. Љубовта кон професијата и посветеноста кон целта во комбинација го носат успехот, верува Чадловска.
“Едноставно, кога се работи за професијата љубовта кон нејзе, семејството, се неколку работи кој секој човек го водат. Да верува во себе да е упорен, да не се откажува и до крај да го оствари замисленото. Да не дозволи тоа што му се испречува на патот да биде пречка во неговиот напредок”, вели единствената жена-диригентка во Македонија, Бисера Чадловска.
news_share_descriptionsubscription_contact
