Sinan Uslu
14 Април 2018•Ажурирај: 14 Април 2018
АНКАРА (АА) - Турскиот вицепремиер Бекир Боздаг изјави дека ставот на Турција за прашањето за Сирија е јасен, Турција е против режимот на Асад, јавува Anadolu Agency (AA).
Боздаг преку социјалната мрежа Твитер се осврна на интервенцијата на САД, Велика Британија и Франција во Сирија, во која утринава се бомбардирани повеќе позиции на режимот на Асад, а се работи за капацитети на хемиско вооружување во Сирија.
„Ставот на Турција по прашањето за Сирија е јасен. Турција во Сирија е против режимот на Асад, против користење на конвенционалното и хемиското оружје, внатрешните судири, раселувањето на населението и против сите терористички организации, вклучувајќи ги ДЕАШ, ПКК, КЏК, ПЈД/ЈПГ“, порача Боздаг.
Тој додаде дека Турција пред нападот била информирана, и дека во нападите не е користена базата во Инџирлик. Боздаг порача дека е неопходно сирискиот режим да се казни поради користењето на хемиското вооружување, и додаде:
„Но, голема грешка е во казнувањето на режимот да се зема предвид само користењето на хемиското оружје како доволна причина, а да не се зема предвид и користењето на конвенционалното оружје.“
Како одговор на нападот со хемиско оружје врз Дума на 7 април, САД, Велика Британија и Франција рано утрово бомбардираа повеќе позиции на режимот на Асад во Дамаск и Хомс, а меѓу другото, се работи и за магацини со хемиско оружје.