Barış Seçkin
10 Април 2017•Ажурирај: 11 Април 2017
ЛУКА (АА) - Во италијанскиот град Лука започна заседавањето на седумте индустриски најразвиени земји (Г-7) и Европската Унија (ЕУ), на ниво на министри за надворешни работи, јавува Anadolu Agency (AA).
На заседавањето, покрај домаќинот, министерот за надворешни работи на Италија Анџелино Алфано, присуствуваа неговите колеги од САД, Рекс Тилерсон, од Велика Британија, Борис Џонсон, од Германија Зигмар Габриел, од Франција Жан-Марк Еро, од Јапонија Фумио Кишида, од Канада Криста Фриленд и високата претставничка за надворешни работи и безбедност на ЕУ, Федерика Могерини.
Преземени се високи безбедносни мерки, а центарот на градот е затворен за сите, освен за жителите и за акредитираните лица.
Издадена е и забрана за летови над споменатото подрачје, а полициски хеликоптер ќе го надгледува градот во текот на самитот.
Теми на дводневното заседавање ќе бидат борбата против тероризмот, нелегалната миграција, ослободувањето на Ирак и Сирија од терористичката организација ДЕАШ, војната во Сирија и ситуацијата во Иран, Либија, Украина и Северна Кореја.
Министрите за надворешни работи пред заседавањето на Г-7 имаа низа билатерални средби.
Италијанскиот министер за надворешни работи, Алфано, оствари средба со Џонсон, а потоа и со Тилерсон.
Џонсон преку социјалните мрежи напиша дека една од главните теми на сосотаноците со партнерите од Г-7 е руската поддршка на режимот на сирискиот претседател Башар ал-Асад.
На посебната сесија за Сирија, која ќе биде организирана во рамките на заседавањето, ќе присуствуваат и министрите за надворешни работи на Турција, Саудиска Арабија, Катар, Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) и на Јордан.
Сесијата треба да започне утре наутро, а се очекува претставниците на споменатите земји и земјите од Г-7 да разговараат за последните случувања во Сирија.