Besar Ademi
31 Март 2017•Ажурирај: 01 Април 2017
СКОПЈЕ (АА) - Во организација на Канцеларијата на Европската Унија (ЕУ) во Скопје се одржа завршната конференција на проектот „Унапредување на социјалниот дијалог“, кој минатите две и пол години се спроведува од Меѓународната организација за труд, финансиран од страна на ЕУ во вредност од околу 1,3 милиони евра, јавува агенција Anadolu Agency (AA).
Трите важни компоненти на овој проект се да се зајакне социјалниот дијалог на национално и на локално ниво, воспоставување на инфраструктурата и поттикнувањето на колективното договарање, како и воспоставување на ефективни механизми за мирно решавање на работните спорови.
Директорот на Меѓународната организација за труд за Централна и Западна Европа, Антонио Гразиоси, изјави дека социјалниот дијалог игра важна улога во тоа владата постојано да биде во консултација со социјалните партнери, како што се синдикатите и организациите на работодавачи.
„Проектот беше тежок поради сложената политичка ситуација во земјата, бидејќи не беше лесно да се генерираат постојани конструктивни дискусии. Сепак, ние се чувствуваме горди и можеме да кажеме дека проектот има произведено конкретни резултати за создавање механизам за зајакнување на капацитетот на партнерите со цел да можат да се вклучат во социјалниот дијалог”, рече Гразиоси.
Претседателот на Организацијата на работадавачи на Македонија, Ангел Димитров, рече дека најголема слабост на сите проекти финансирани како од ЕУ така и од другите донатори во Македонија, е дека активностите престануваат да функционираат после завршување на проектот. Според него, за продолжување на активностите на проектите треба да се изнајде решение за нивно продолжување и понатаму.
„Најголемата слабост на сите проекти финансирани од ЕУ и од другите донатори во Македонија е доколку тие престанат да функционираат по завршувањето на проектот. Активностите околу идното решавање на споровите и другите активности мора сами да ги продолжиме и понатму без помош на нашите донатори, затоа што не е доволно да се донесе закон, да се изгради една институција, да се едуцираат тие помирувачи ако ние не влијаеме кај свеста кај работодавачите и работниците, дека нивното решавање на споровите е многу поекономично, многу побрзо и пореално, поправично ќе се решат споровите меѓу работодавачите и работниците или разните заинтересирани групи, отколку да се оди на суд”, рече Димитров.
На оваа завршна конференција учествуваат претставници на партнерските институции и организации кои беа вклучени во реализацијата на проектот, меѓу кои Министерството за труд и социјална политика, Сојузот на синдикати на Македонија, Организацијата на работадавачи на Македонија, Бизнис конфедерацијата на Македонија и други.