Michael Hernandez
07 Ноември 2018•Ажурирај: 07 Ноември 2018
ВАШИНГТОН (АА) - Според првичните резултати од вчерашните избори во САД, Републиканската партија го задржа мнозинството во Сенатот, Горниот дом на Конгресот, додека Демократската партија освои мнозинство во Претставничкиот дом, јавува Anadolu Agency (AA).
Гласачите во САД бираа нов состав на Претставничкиот дом и 35 од вкупно 100 делегати во Сенатот.
Според прелиминарните резултати за кои известуваат американските медиуми, демократите во Претставничкиот дом добија 178 пратеници наспроти 168 на републиканците.
Гласачките места во САД се затвораат во различно време со оглед на тоа дека се работи за голема држава која се простира во шест временски зони.
Демократите очекуваат најдобри резултати да остварат на западниот дел на земјата, а според досегашните информации, од републиканците успеаја да преземат најмалку 24 пратенички мандати.
За просто мнозинство во минатиот состав републиканците имаа 23 пратеници повеќе. Републиканците во претходниот мандат имаа 237, а демократите 193 пратеници. Пет столици во Претставничкиот дом беа испразнети поради различни причини.
Повторно избраната во Претставничкиот дом, Ненси Пелоси, прогласи победа на демократите во Вашингон.
„Во Америка утре е нов ден“, порача Пелоси и додаде дека и демократите и републиканците мораат да се обединат за да го запрат кршењето на Уставот од страна на американскиот претседател Доналд Трамп.
Од друга страна, Републиканската партија ќе го задржи мнозинството во Горниот дом на Конгресот, Сенатот.
Републиканците досега имаа 51 сенатор во Горниот дом кој брои вкупно 100 пратеници.
Според првичните резултати, синоќа освоија најмалку три сенаторски позиции кои досега ги држеа демократските претставници, па републиканците би можеле и да го зајакнат своето мнозинство во Горниот дом.