Admir Fazlagic
01 Октомври 2018•Ажурирај: 02 Октомври 2018
СКОПЈЕ (АА) - „На вчера одржаниот референдум гласале 666.743 граѓани или 36,91 отсто од вкупно запишаните 1.806.336 во Избирачкиот список“, соопшти денеска Државната изборна комисија (ДИК), по обработени 100 отсто од избирачките места, јавува Anadolu Agency (AA).
На референдумското прашање „Дали сте за членство во ЕУ и НАТО со прифаќање на Договорот помеѓу Република Македонија и Република Грција?“, „за“ гласале 91,46 проценти, или 609.813 граѓани, а „против“ се изјасниле 5,65 отсто или 37.700. ДИК информираше дека неважечки се 19.221 ливчиња, односно 2,89 проценти.
Претседателот на ДИК, Оливер Дерковски, информираше дека согласно утврдените резултати, одлуката не е усвоена зашто не гласале повеќе од половината граѓани запишани во Избирачкиот список.
Според соопштеното, Извештајот од ДИК ќе биде објавен во Службен весник во рок од 15 дена, а ќе биде доставен до Собранието и објавен на веб-страницата на Комисијата.
Потсетуваме, референдумот се одржа по Договорот од јуни меѓу Македонија и Грција, кој предвидува промена на името на државата во Република Северна Македонија. Референдумот е консултативен и законски не е обврзувачки.
По одржување на референдумот, според предвиденото, конечната одлука за Договорот со Грција треба да се усвои од страна на Собранието на Македонија, каде што за уставни измени ќе биде потребен гласот на две третини од пратениците, односно за уставните измени треба да гласаат 81 пратеник од вкупно 120 пратеници во Собранието на Република Македонија.
Според предвиденото во Договорот за решавање на спорот за името, по спроведените процедури во Македонија, потребно е овој договор да се ратификува и во Собранието на Грција.