Husameddin Gina
24 Септември 2018•Ажурирај: 25 Септември 2018
СКОПЈЕ (АА) - Министерот за надворешни работи на Република Македонија, Никола Димитров, денес на прес-конференција, со големи принтови на клучните параграфи, шест дена пред референдумското изјаснување на граѓаните, ги разјасни аспектите од Договорот со Грција, јавува Anadolu Agency (AA).
Министерот Димитров нагласи дека во текот на кампањата и средбите со граѓаните и поради големите дезинформации почувствувал дека треба да се доразјаснат клучните елементи од Договорот.
„Од искуството и од текот на кампањата и средбите со граѓаните низ многу градови и села, имаме чувство дека треба да се доразјаснат клучните елементи од Спогодбата со Грција, бидејќи има многу дезинформации и кај дел од граѓаните уште не се до крај расчистени сите дилеми“, рече Димитров.
Потсетувајќи дека раскрсницата пред нас е историска, министерот Димитров, најпрвин го разјасни членот 2, став 3 (а) од Договорот со Грција, кој гласи: „Официјално име на Втората страна ќе биде „Република Северна Македонија“, што ќе претставува уставно име на Втората страна и ќе се употребува „erga omnes“ како што е предвидено во оваа спогодба. Скратеното име на Втората страна ќе биде „Северна Македонија“.
„Ме праша еден дедо во Ново Село во Штип, сè ова е добро само да сме сигурни дека името нема да ни биде „Северно од Македонија“. Значи нема да биде, ќе биде Република Северна Македонија“, потврди министерот Димитров.
Тој, исто така, истакна дека патот кон ЕУ и НАТО води преку Договорот со Грција и таква е реалноста, наведувајќи дека сите лидери, вклучително и генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, и германската канцеларка, Ангела Меркел, укажале дека за земјата нема „план Б“.
„Патот кон ЕУ и кон НАТО каде што е членка Грција, во двете семејства, води преку надминување на овој проблем, тоа може да не ни е пријатно, меѓутоа таква е реалноста. Сите лидери, почнувајќи од генералниот секретар на НАТО, Столтенберг, па до лидерката на Германија, канцеларката Меркел, којашто нè посети на 27-от роденден, укажаа дека нема план Б“, истакна министерот Димитров.
Министерот за надворешни работи, Никола Димитров, беше прашан и за најавениот бојкот на претседателот Ѓорѓе Иванов.
„Да се каже дека не се гласа е срамно бегство од одговорност. И тоа не се кажува од Македонија, туку се кажува од преку океанот“, рече министерот за надворешни работи, нагласувајќи дека не е можно да се седи дома, а да се влијае врз референдумската одлука.