АНКАРА (АА) - Mировните преговори во врска со кризата во Сирија, кои досега се одржаа трипати во Женева, не дадоа резултати, јавува Anadolu Agency (AA).
Договорот за прекин на огнот во Сирија, постигнат со посредство на Турција и Русија, стапи во сила на 30 декември 2016 година. И покрај кршењето на договорот од страна на силите на режимот на сирискиот претседател Башар ал-Асад, договорот го намали интензитетот на војната и го отвори патот за нови преговори.
На средбите досега присуствуваа, покрај претставниците на режимот на Асад и опозицијата, и претставници на САД, на европските земји, Русија, Турција и на земјите од Персискиот Залив.
Со исчезнување на причините коишто го принудуваа режимот на договор, Асад и неговите приврзаници немаа потреба од политичко решение, а во периодот кога режимот доживуваше загуби, Иран и Русија му пружаа поддршка која го враќаше во живот.
- Женева 1 -
Конференцијата се одржа кога војната во Сирија одеше во корист на опозицијата и во тешкиот период за режимот, јуни 2012 година. На конференцијата беше усвоен документ за создавање на преодна влада, а подоцна и организирање на избори. Оваа рамка е наречена декларација „Женева 1“. Подоцна, во декември 2015 година, точките од декларацијата се официјализирани со резолуција на Советот за безбедност на Обединетите нации (СБОН).
Во периодот кога режимот доживуваше пад, во очекување декларацијата да заживее, се појави Иран, чии претставници не беа поканети на преговорите.
Военото присуство на Иран, кој во судирите се вмеша во втората половина на 2012 година и во текот на 2013, со свои војници и со милитантите на Хезболах, го спаси режимот од пропаст и настрана го остави планот за политичка транзиција.
- Женева 2 -
Во јануари 2014 година, на втората рунда преговори во Женева, Асад и неговите приврзаници дојдоа со самодоверба втемелена на воспоставувањето рамнотежа во војната.
Асад и неговите приврзаници не заговараа применување на одлуките донесени на претходните конференции, а не успеаја да остварат ниту воена надмоќ врз опозицијата.
Режимот со помош на Русија, којашто беше сè поприсутна во повеќегодишната војна, успеа да се врати во живот. Судирите со терористичката организација ДЕАШ во 2014 година ѝ нанесоа тешки удари на опозицијата.
Опозицијата доживуваше порази, и на тој начин беше нарушена и рамнотежата на граѓанската војна.
Исто така, терористичката организација ПЈД/ПКК со поддршка на САД сè повеќе растеше.
Опозицијата успеа повторно да зајакне по летото 2015 година, а режимот вршеше притисок врз Иран и врз Хезболах.
Режимот доживуваше пад, но овојпат во помош дојде Русија. Од октомври 2015 година Русија врши интензивни воздушни напади и со тоа го менува текот на војната. Опозицијата зазеде одбранбена позиција, но сепак изгуби голем дел од територијата.
- Женева 3 -
По масовното страдање на цивилите во Сирија, на инсистирање на САД во февруари 2016 година, по третпат се одржани мировни преговори за Сирија во Женева. Тоа беше првпат да биде повикан и Иран.
Русија, Иран и режимот кои сакаа да продолжат со динамиката што ја зафатија за време на граѓанската војна, ја следеа стратегијата „војната прво се добива на фронтот“.
Војната течеше во корист на режимот, а Москва од март 2016 година постепено го намалуваше военото присуство во Сирија.
ПКК/ПЈД со силна поддршка на САД зазеде голем дел од територијата.
Додека траеа дипломатските напори на конференцијата „Женева 3“, режимот на Асад со поддршка на Иран и Русија стави под опсада над 100.000 луѓе во Алепо. Потоа, следеше повлекување на опозицијата од преговорите.
Русија ги намали воените операции во Сирија и ја зголеми соработката со Турција.
Истовремено, со започнување на офанзивата „Штитот на Еуфрат“, Турција го зголеми присуството во Сирија.
Со посредство на Турција и Русија во 2016 година постигнат е договор за евакуација на цивилите и припадниците на опозицијата од Алепо. По евакуацијата постигнат е договор за прекин на огнот ширум Сирија.
Во Астана, на 23. и 24. јануари се одржаа мировни преговори на кои покрај претставниците на режимот, опозицијата, Турција и на Русија, присуствуваше и Иран. На овие мировни преговори договорено е формирање на тројниот механизам за надзор на имплементацијата на прекинот на огнот.
Иако режимот и милитантите кои ги поддржува Иран продолжуваат да го кршат договорот за прекин на огнот, значително е намален интензитетот на судирите во Сирија, а повторно е оживеан процесот во Женева.
Четвртите мировни преговори за Сирија во Женева ќе се одржат на 23 февруари 2017 година.